
МАМАВИЗИЈА | Татко ми сакаше многу внуци, му ја исполнивме желбата и станав мајка на пет деца, вели Билјана, ќерката на Бојо Андрески
Таман едното тргнало на училиште, се родило следното… Животот на современа мајка со пет деца не може да биде здодевен, таа е постојано со некаков ангажман, едното тргнува прваче, другото е полуматурант, третата матурантка, четвртото се подготвува за во градинка, а петтото е бебе. Вака од прилика изгледа животот на нашата денешна гостинка во „Мамавизија“. Не случајно ја поканивме да биде наша гостинка. Покрај уникатната приказна што родила пет деца и потекнува од угледно семејство, таа е раритет во денешно време и со тоа што е ректор на универзитет.
Препорачано
Вистинска дама, питома, кротка, милозвучна, одмерена, нашата гостинка проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, ректор на Европски универзитет, и покрај тоа што не милува да се експонира со приватниот живот во јавноста, веднаш ја прифати поканата да биде наша гостинка во „Мамавизија“.
Реализирањето како мајка на пет деца за неа и не било некое големо изненадување, на некој начин и го очекувала тоа.
– Паметам уште пред да влеземе во брак, мојот сопруг еднаш ми кажа дека посакува да има пет деца. Јас тогаш му реков дека и јас сакам многудетно семејство, но морам да признаам дека во тој момент не размислив каква жртва е тоа и дека е потребно многу сила, тогаш не знаев дека тоа ќе стане реалност. Во секој случај, волјата да сме родители на пет деца, ми звучеше како едно полно богатство. И навистина е така – вели Андреска-Богдановска за „Мамавизија“.
Додава дека голема желба и на нејзиниот покоен татко, познатиот бизнисмен, основоположникот на приватното високо образование во Македонија, Бојо Андрески, била таа и сестра ѝ да имаат повеќе деца.

Но, животот е полн со предизвици, па така и патот до мајчинството за неа не бил поплочен само со рози, туку имало и по некој трн. Андреска-Богдановска раскажува за сите лоши епизоди кои ги поминала при забременувањата, за спонтаните абортуси кои не ја направиле кревка, туку напротив, уште посилна жена.
Гледајте ја четиринаесеттата епизода на „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.