фото: Слободен печат/Драган Митрески

Малиќи: Работнички имаше криза на почетокот на првенството, а сега е во нешто подобра форма

По седмото коло, фудбалерите на Струга ТЛ и Вардар се издвоија на табелата во однос на конкурентите, а денеска Шкендија има шанса да им се доближи на два бода. Тоа ќе се случи ако успее да забележи победа во заостанатиот меч од Првата македонска лига против Работнички кој е на програмата денеска од 15.30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Шкендија до овој момент има два нерешени резултати и четири победи, а сега сака нов триумф за да ја продолжи потерата по водечките две екипи. Од таборот на шампионот најавуваат дека доаѓаат во Скопје по три бода. Го ценат противникот, но подготвени се за нови три бода во првенството.

– Атмосферата во тимот е добра. Сега ни следува згуснат распоред, и секој натпревар е важен. Одиме на позитивен резултат, а позитивен резултат за Шкендија е победа. Работнички имаше криза на почетокот на првенството, а сега е во нешто подобра форма. Секој клуб кој игра против Шкендија е мотивиран и мораме да дадеме максимум. Ние мораме секој меч да го сфатиме сериозно – вели фудбалерот на Шкендија, Анес Малиќи.

За Шкендија наскоро почнуваат и натпреварите во Лигата на Конференции, а Малиќи вели дека на прво место за тимот е домашниот шампионат.

– Шкендија игра на три фронта, но најважниот фронт е првенството, затоа што на крајот успех во домашниот шампионат потоа носи и европски натпревари. Целиот фокус е кон домашното првенство. Конкуренцијата во екипата е голема. Шкендија има 25 играчи, и се случува сега да сте во тимот, утре резерва, задутре на трибините, но секој играч е важен за клубот и верувам дека секој кој ќе се најде на терен ќе го даде максимумот за на крајот да ја одбраниме титулата и повторно да бидеме шампиони – се зборовите на Малиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот