Мерсим Максути Фото: Фејсбук

Максути: Законот за правична застапеност не дава гаранција за негово ефикасно спроведување во практика

Мојата основна забелешка е дека овој Предлог-закон, со сите свои недостатоци, не дава гаранција за негово ефикасно спроведување во практиката, бидејќи ова прашање е оставено исклучиво на политичката волја на координативно тело во рамките на Владата, напиша Мерсим Максути, професор на Правниот факултет при Тетовскиот универзитет

Предлог-законот за правична застапеност што допрва треба да добие мислење од Венецијанската комисија и евентуално во Собранието да претрпи амандмански измени, веќе денеска почна да бранува. Професорот на Правниот факултет при Тетовскиот универзитет Мерсим Максути, инаку член на работната група за изготвување на овој предлог-закон, преку Фејсбук објави дека тој има различно мислење од колегите во работната група и наведува дел од забелешките откако Владата веќе го усвои Предлог-законот.

– Мојата основна забелешка е дека овој Предлог-закон, со сите свои недостатоци, не дава гаранција за негово ефикасно спроведување во практиката, бидејќи ова прашање е оставено исклучиво на политичката волја на координативно тело во рамките на Владата – пишува Максути.

Тој забележува дека не е прецизирано дека со телото ќе раководи првиот вицепремиер, туку еден од вицепремиерите и дека ќе нема надлежност да врши надзор врз надлежните органи за спроведување на законот, ниту да предлага мерки пред Владата за повикување на политичка одговорност на носителите на јавни институции за неспроведување на законот. Максути уште забележува дека имплементација на законот е претставена во условна и ограничена форма, преку почитување на принципот на еднаквост, професионализам, компетентност и инклузивност. Според него, примарна цел на законот треба да биде вработувањето според етничка припадност, а не професионалноста на кандидатите.

Мерсим Максути Фото: Фејсбук

-Ова остава простор јавните конкурси за вработување и унапредување на граѓаните во име на професионализмот да не прифатат никого како член на помалку застапена етничка заедница, а со тоа директно се крши Уставот, кој ја штити и гарантира соодветната и правична застапеност на граѓаните кои се помалку застапени во органите на државната власт и јавните институции, како темелна вредност на уставниот поредок на Македонија. Законот во овој случај, како примарна цел, треба да ја има заштитата и остварувањето на правичната застапеност на граѓаните како членови на одредена етничка заедница, како нивно колективно право, а не професионализмот на кандидатите кои доаѓаат да го изразат своето право како индивидуално право – вели професорот.

Максути забележува и дека законот не предвидува санкции за прекршоци против службеници што се надлежни за спроведување на законот.

– Отсуството на законски санкции за прекршувања против јавни службеници, политичка одговорност за носителите на јавни функции и препуштањето на спроведувањето на овој закон на политичката волја се индикатори дека овој Предлог-закон нема да го постигне посакуваниот правен ефект – напиша Максути.

Предлог-законот за правична застапеност денеска е испратен до Венецијанската комисија, а потоа пратениците ќе го добијат текстот и ќе може амандмански да интервенираат, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски, по критиките на албанските опозициски партии дека Владата криумчари закон кришум од граѓаните и од пратениците. Законот што треба да го замени балансерот, односно алатката за вработување административци по етнички клуч, а кој завчера помина на седницата на Владата, треба да обезбеди стручна и компетентна администрација во која ќе бидат застапени сите етникуми.

Села ја обвини Владата за целосна нетранспарентност

Албанскиот опозициски блок обвини дека Предлог-законот е штетен за Албанците и дека не гарантира еднаквост при вработувањата во институциите. За претседателот на дел од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, премиерот направил театар во кој декор биле вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи, кога информирал дека Владата го донела Предлог-законот за правична застапеност. Тој ја обвини Владата за целосна нетранспарентност.

Зијадин Села Фото: Принтскрин

– За жал, уште еднаш покажаа дека немаат никаков респект кон јавноста и граѓаните, зашто никој не знае за каков закон се работи. Нетранспарентноста значи целосно непочитување на граѓаните. Ниту како граѓанин ниту како пратеник не сум информиран за содржината на законот кој е битен за градење на внатрешната кохезија. Јас дојдов до законот кој содржи 15 члена, но само во два члена се зборува за правичната застапеност. Со законот се гарантира дека секој има право да го промени идентитетот, односно се гарантира злоупотребата која се правеше со балансерот. Со овој Предлог-закон не се уредува правичната застапеност. Во законот не се предвидува регионалната правична застапеност. Ова е закон само за пред избори дека, ете, поднеле законско решение – рече Села и додаде дека како опозиција се подготвени да разговараат за да се донесе закон како што треба.

Премиерот рече дека откако ќе го добијат мислењето од Венецијанската комисија, законот ќе биде испратен до пратениците.

Христијан Мицкоски Фото: Принтскрин

– Апсолутно таква е процедурата. За жал, албанската опозиција имаше можност повеќе од 20 години да создаде закон кој ќе обезбеди правична застапеност, но тоа не го направија. Создаваа импланти што знаеме како завршија, со големи злоупотреби и измами. Кога беа во влада, самите во извештај кажаа дека времето на балансерот е изминато и дека треба да се замени со нов начин на обезбедување на правична застапеност, така што кредибилитетот на тие политичари за овој закон е сведен на нула. Да почекаме да се произнесе Венецијанската комисија па сите пратеници ќе го имаат текстот. Одиме чекор по чекор, не создаваме противуставни импланти, туку сакаме да биде се како што треба, за да не се политизира. Ова е закон кој обезбедува професионализам, компетентност за сите граѓани во Македонија – рече Мицкоски.

Вреди: Опозицијата имаше 24 години да понуди подобро решение

Владиниот партнер Вреди го брани законското решение и констатира дека тој е темелен акт што го гарантира уставното спроведување на принципот на правична застапеност во државните институции.

И првиот вицепремиер Меџити рече дека откако законот за правична застапеност ќе се врати од Венецијанската комисија, истиот ќе биде во собраниска процедура и ќе има јавна расправа, каде секој пратеник ќе може да се изјасни и да придонесе тој да биде подобар и пофункционален.

-Злоупотреби кои се правеа со балансерот, ќе се решат со ова законско решение кое требаше да биде затворено во 2003 година – рече Меџити.

Изет Меџити Фото: Принтскрин

Според Вреди, преку овој закон се создава извршен механизам кој ќе го надгледува и обезбедува ефикасното и одговорно спроведување на принципот на застапеност.

-За само една година владеење, го постигнавме она што не беше реализирано 24 години по Охридскиот рамковен договор. Оние кои се против овој закон се истите кои низ годините ја деградираа застапеноста и ги оставија граѓаните да бидат жртва на манипулации и неправда. Ова не е само политичко прашање, туку одговорност кон иднината на државата и нејзините граѓани. Убедени сме дека граѓаните ќе ја ценат оваа промена и ќе застанат зад законот што носи еднаквост и достоинство за сите – велат од Вреди.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот