Макрон: Европската одбрана не е алтернатива на НАТО, туку столб во тој сојуз

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Европската одбрана не е алтернатива на НАТО, туку столб во тој сојуз.

Макрон ова го кажа по завршувањето на самитот на НАТО во Ватфорд, во непосредна близина на Лондон, јавија британските медиуми.

Тој во настапот додаде дека сака јасен одговор од африканските лидери за тоа дали се уште го сакаат присуството на француската војска во Сахел, област меѓу Сахара и Судан. Лидерите на земјите од Сахел тој ги покани на 16 декември да допатуваат во Франција за да го појаснат својот став за француските воени операции во регионот.

Самитот на НАТО заврши денеска, а првите луѓе на Алијансата во заедничката изјава ја потврдија трајната трансатлантска врска меѓу Европа и Северна Америка, и договорот за взаемна одбрана во кој нападот врз една членка ќе се смета за напад врз сите.

На самитот беше заклучено и дека руските акции претставуваат закана за евроатлантската безбедност, како што и се поголемото влијание на Кина претставува предизвик за Алијансата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот