
„Макпрогрес“ полека се опоравува, прозиводството стартува од понеделник, вработените ќе ги задржат местата и платите
Во пожарот во Виница, главната кондиторска фабрика со три производни линии, кои се целосно уништени. Но, фабриката има вкупно 12 линии, што значи дека „Макпрогрес“ останува во функција, а менаџментот прави напор за сите сто вработени кои се директно загрозени да ги прераспореди на други работни места, рече Глигор Цветанов, геренален директор на „Макпрогрес“
Се уште трае истрагата по неодамнешниот пожар кој нанесе значителна штета на дел од имотот и производствените капацитети на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, обемната документација се собира и додека надлежните не излезат со официјални причини, нема да се излегува со шпекулации, соопшти генералниот директор Глигор Цветанов, во Стопанската комора на Македонија.
Препорачано
Пред претставниците на најголемите синџири на маркети, дистрибутери, Советот на странски инвеститори, како и од здруженијата, тој нагласи дека единствената светла точка од оваа трагедија е што нема жртви, а сите вработени биле безбедно евакуирани, дома се и нивната здравствена состојба е добра. Цветанов потсети и им се заблагодари на повредените пожарникари, кои се здобија со изгореници од растопениот шеќер и кои исто така закрепнуваат.
-Да потсетам дека ни изгоре главната кондиторска фабрика со три производни линии, кои се целосно уништени. Како што знаете има вкупно 12 линии, што значи дека „Макпрогрес“ останува во функција, а ние како менаџмент правиме напор за сите сто вработени од овие три линии да ги прераспоредиме на други работни места. Единствен производ кој засега нема да се прави се нашите познати наполитанки и вафли – објасни Цветанов, поделувајќи им на присутните мали пакети со овие производи да им траат до новата „реколта“.
Цветанов обелодени нека нивните тимови се веќе во Италија за да преговараат за купување на една нова производна линија, набавена е нова опрема, а земен е и кредит од домашни и странски банки.
-И нашите други соработници се јавија во истиот момент кога разбраа за настанот, а коминтентите побрзаа да ги уплатата долговите се со цел да можеме побрзо да застанеме на нозе. Се случува и еден феномен меѓу вработените, кои деновиве не застануваат, масовно чистат, ги средуваат другите линии, дезинфицираат за да можат од понеделник да се вратат на работа. За тоа сме им многу благодарни и како менаџмент решивме да им ги зачуваме платите, тие нема да се намалат, независно колку тоа да не чини. Сите знаете колку е тешко да најдете добри работници и да ги задржите – порача Цветанов.
Тој изрази огромна благодарност до сите кои материјало, но и со порака им изразиле поддршка, а особено го пофали претседателот на СКСМ Бранко Азески и сите членки на Комората за брзата реакција за поддршка.
Според Азески, настанот е со солидарна димензија и многу зборува за односите кои се градат во државата и одат во правец кој бизнис заедницата го посакува подолг период. Тој изрази жалење во име на Комората за се што се случи во „Макпрогрес“, затоа што како рече го чувствува како личен удар.
-Се работи за фабрика која е во Источниот дел на Македонија и нема друг таков објект со структура и технологија, кој им одговара на квалификациите што треба да претставува гордост за државата, како најголем извозник од кондиторијата, технолошки најнапредна и најголем вработувач со свој образовен центар.
-Од 2008-та, секоја втора година се соочуваме со криза, само уште комета не не удрила по глава. Но македонската економија, која постојано ја критикуваме, успева да се дочека на нозе и излегува се појака структура на компании. Целта на состанокот е креирање на кампања за засилена продажба на производите на „Макпрогрес“ – Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа, како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија – порача Азески.
Во меѓувреме во малопродажбата производите од брендот Винчини ќе се продаваат по пониски цени.
-Извршивме трајно намалување од 10 отсто на цените на 114 производи од брендовите Роки Винчини, Сончева Долина, Натура и Фантазија, како и акциско намалување на 12 производи од Винчини во висина од 10 отсто во текот на овој месец. Во следниве денови ова намалување треба да биде видливо во малопродажната мрежа. За „Макпрогрес“ периодот што следи е период на опстанок на работните места и овие намалувања на цените се придонес кон вработените и нашите потрошувачи кои ни ја даваат неизмерната поддршка – истакна Цветанов.