Шефовите на држави и влади на гала вечера во Белата куќа/Фото: EPA-EFE/Graeme Sloan / POOL

Македонско – грчките односи тешко до нормализација, Мицкоски задоволен од средбите со Главчев и Рама

Ако со Турција, и по петте средби меѓу двајцата лидери билатералните односи се на пат на нормализација, истото не важи и за Северна Македонија по неодамнешните избори во соседната земја. Новиот премиер Христијан Мицкоски уште еднаш ја засили својата провокација, флагрантно прекршувајќи го Договорот од Преспа во „срцето“ на Алијансата. Доаѓајќи на Самитот на НАТО зборуваше за „Македонија“ – „македонска“ влада и „македонска“ армија, објави утрово грчката телевизија Скај.

„Премиерот Кирјакос Мицотакис, како што претходно најави, при интервенцијата на Самитот на НАТО во Вашингтон се осврна на провокативните изјави на новото раководство на Северна Македонија, кои продолжија и на Самитот на алијансата“, пишува грчки Топонтики.

Порталот ја цитира изјавата на грчкиот премиер кој подвлече дека целосното спроведување на Договорот од Преспа е од суштинско значење за Алијансата, Западен Балкан и меѓународната заедница.

-Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа, продолжи тој, ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста на регионот. „Pacta sunt servanda. Сите ние мора да го запомниме ова“, истакна тој.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски претходно при изјавата за медиумите го користеше името „Македонија“, во својата изјава.

„Како малоброен народ сакаме да потврдиме дека она што за нас е важно, е во деновите во кои овде ќе разговараме за важните прашања, да ги донесеме најзначајните одлуки, коишто ќе ја моделираат иднината на човештвото во следните декади. И ние ќе го дадеме својот придонес, Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите. Како македонска Влада сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Македонскиот премиер денеска со видеопорака од Вашингтон уште еднаш ја нагласи пораката дека Македонија повеќе нема да биде заложник на минатото, нема повеќе да го губи достоинството, а политичарите повеќе нема да потпишуваат секакви понижувања.

– Можам да кажам дека испратив неколку пораки од кои најважната е дека долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината и она што следи во иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме. Тоа е она што го очекуваат граѓаните од нас, и тоа е она на коешто јас како претседател на Владата ќе бидам фокусиран во годините што следат. Понатаму, би сакал да кажам дека втората порака што ја испратив е дека помина времето на свиткани кичми, помина времето на корумпирани политичари кои доаѓаат од Македонија и политичари кои се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално сè. Да потпишат сè, да го прифатат секое понижување што ќе им биде понудено на маса само за да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството се двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме – рече Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека на вечерата во Белата куќа каде што домаќини беа американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил, седел до шпанскиот премиер Санчез, а се сретнал со црногорскиот премиер, со хрватскиот претседател, унгарскиот премиер како и со италијанската премиерка Мелони.

Од соседите ги издвои средбите со бугарскиот премиер Димитар Главчев и со албанскиот Еди Рама.

Вчера Главчев на средбата со Мицкоски рече дека зборувале да се намали тензијата во зборувањето и односите меѓу двете земји треба да се нормализираат и да се вратат во текот на 2017 година кога беше потпишан договорот за добрососедство.

– Но, треба да се исполнат и обврските што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европската позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени – додаде Главчев.

-Беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што посочив дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови препреки нема да ги зближат двата народи и дека треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции, рече Мицкоски за кусата средба со Главчев.

Мицкоски на Фејсбук напиша и за впечатокот од средбата со албанскиот колега Еди Рама.

-Регионот може да се развива само доколку забрзано се работи за иднината и просперитетот на сите граѓани. Да се фокусираме околу точките кои не обединуваат и се основа за развој и градење на добри односи. Време е да се отпочне ново време на рамноправен дијалог и искрени пријателства, напиша Мицкоски.

И покрај декларираната добра желба за добрососедство и соработка со земјите од регион, извесно е дека Самитот на НАТО во Вашингтон нема да донесе нормализација во македонско- грчките односи бидејќи и двете страни тврдат дека го почитуваат Договорот од Преспа кој не го забранува користењето на придавката „македонски“ ниту националноста Македонци, а уставното име Мицкоски вешто го изоставува од комуникацијата и дома и надвор, што посебно ја револтира грчката страна и придонесе за заладување на односите меѓу двете соседни земји по доаѓањето на новата власт во Скопје.

Мицотакис и Мицкоски сложни за иднината на НАТО

Грчките медиуми напоменуваат дека пред грчкиот премиер, американскиот претседател Џо Бајден во својот говор на Самитот се осврна на важноста на Западен Балкан за безбедноста на НАТО. Сепак, нема информации за реакции по ова прашање од другите земји членки на Алијансата, бидејќи се чини дека Украина беше доминантно прашање на дискусиите на Самитот, заклучува Топонтики.

Токму Мицкоски на крајот од својот говор потврди дека државава останува посветена на исполнување на обврските кон НАТО, „односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата Армија, нешто што е многу важно, бидејќи само на тој начин ќе ги следиме современите чекори и ќе ја следиме најголемата Светска одбранбена Алијанса којашто некогаш постоела“.

Сепак меѓу НАТО-членките Грција е во категоријата најголеми финансиери на одбраната со издвојување на над три проценти од БДП со тоа покрај Естонија, Финска, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Велика Британија и САД е важен чинител во Алијансата.

– Ова е период во кој НАТО-алијансата мора да се соочи со голем број сложбени глобални предизвици. И тоа е време кога мораме да ја потврдиме нашата посветеност да потрошиме најмалку 2% од нашиот БДП за трошоци за одбрана. Ова е исклучително важно за европските земји, не само да ја исполнат оваа цел, туку и да ја надминат и да ги усогласат нашите трошоци за одбрана за зајакнување на Алијансата. Јас сум силен поддржувач на поголема интеграција на европските трошоци за одбрана. Не смееме едноставно да трошиме повеќе, мора да бидеме и попаметни во тоа како ги трошиме ресурсите за да ја зајакнеме нашата заедничка одбрана. И зајакнувањето на нашите заеднички одбранбени капацитети е комплементарно на структурата на НАТО. Тоа го зајакнува НАТО и затоа треба да го искористиме следниот европски политички циклус за да се фокусираме на тоа како ќе ја зајакнеме нашата европска одбрана. Во наш интерес е да го сториме тоа“, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред новинарите.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!