
Македонските натпреварувачи со одлични резултати на меѓународниот ФИС Ролерски Куп Тоше Проески
Македонските натпреварувачи остварија одлични резултати на седмиот меѓународен ФИС Ролерски Куп Тоше Проески. На натпреварот по ролер скијање, кој изминатиот викенд се одржа во Крушево, нашите натпреварувачи успеаја на неколку наврати да зачекорат на победничкиот подиум.
Препорачано
Ставре Јада триумфираше на трките од пет километри и 10 километри, а Дарко Дамјановски и Давид Торевски се пласираа на четвртото, односно петтото место.
Во женска категорија, најдобра беше Ана Цветановска која на првата трка го освои второто место, а на втората трка заврши на четвртата позиција.
На трките од 3км, на првиот натпревар Стефан Ѓорѓевиќ освои второто место, а веќе на втората трка успеа да застане на шампионската позиција.
Во категорија деца на трките од 2км, Олгица Кованчалиев забележа прво место, а третопласирана беше Кирјана Димитриевска. Во машка категорија, Лука Ѓорѓиевски се позиционираше на првото место.
Скијачката федерација на Македонија упати честитки до нив и тренерот Борче Јованоски за резултатите кои ги постигнаа. Федерацијата, како организатор, им благодари на сите учесници на овогодинешниот ФИС Ролерски Куп, како и на поддржувачите на настанот: Меѓународна скијачка федерација (ФИС), Агенција за млади и спорт, Општина Крушево и клубот Ски Нордиски.