Камиони на граничен премин Табановце / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Македонските камиони со храна стопирани на косовската граница- посегнуваат ли соседите по нетарифни бариери?

Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам транс“, за „Слободен печат“ вели дека ова не е транспортен проблем, туку претпоставена нетарифна бариера со која Косово си го штити домашното производство и пазарот. Според неа, возачите на камионите особено кога станува збор за товар со храна, мора да ги известат извозниците за да не бидат виновни доколку дојде до расипување на стоката

Чекање резултати од лабораториски анализи е најновиот изговор на косовските власти, кои повторно задржуваат македонски камиони со храна. Според информациите што ги добила Стопанската комора на Македонија од домашни извозни компании, на косовската страна на границата се задржуваат камиони од земјава, без соодветно образложение, со што се предизвикува економска штета и се нарушува трговската размена. Домашните производители за задржувањето на македонските камиони, велат дека е под изговор дека тоа се прави сè до добивањето резултати од лабораториски анализи.

Тие со официјален допис до надлежните институции во државата бараат итно преземање на неопходните мерки и нормализирање на протокот, а од Комората најавуваат дека претседателот Бранко Азески ќе се сретне со својот косовски колега Лулзим Рафуна за да се изнајде решение и да се одблокира застојот. Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам транс“, за „Слободен печат“ вели дека ова не е транспортен проблем, туку претпоставена нетарифна бариера со која Косово си го штити домашното производство и пазарот. Според неа, возачите на камионите особено кога станува збор за товар со храна, мора да ги известат извозниците за да не бидат виновни доколку дојде до расипување на стоката.

– Бидејќи се работи за прехранбени производи, кои мора да бидат во согласност со здравствените и безбедносните стандарди, протокот треба да биде без застој за да не се наруши континуитетот на домашните извозници, што може да предизвика и финансиски импликации – нагласуваат и од СКСМ.

За потсетување, блокадите од косовска страна во 2021 година ги заглавија мелничарите од земјава речиси 25 дена да не можат да направат извоз. Како што беше наведено, причина за блокадите на камионите со брашно е со изговор дека нивото на железо и фолна киселина во него е под пропишаниот правилник. Претходната година македонските извозници на вино во Србија исто така се соочија со нетарифна бариера. По насоки од релевантните државни органи, фитосанитарните инспектори започнаа да вршат задолжителна анализа на сите вина што во моментот се наоѓаа во пратката (натоварени во возилото). Вината се растовараа, а примероците се земаат од акредитирана српска лабораторија и се чуваа под дополнителен царински надзор. Официјалното царинење беше дозволено само по добивањето на анализите од лабораторијата, постапка што обично трае од 7 до 10 дена, во зависност од обемот на работа на лабораторијата што ја прави анализата. Додека не се подготви извештајот за анализа, на извозникот му е забрането да ги пласира производите на пазарот и потребно е да се обезбеди складирање на шипката во царински склад. Македонското вино уште еднаш беше под закана од административна бариера во Хрватска во 2018 година, иако хрватските власти го негираа тоа.

– Ова претставува кршење на ЦЕФТА договорот и секоја земја што поставува нетарифна мерка, го попречува извозот. Една граница се отвора, друга се затвора. Отрпнавме. Постојано зборуваме за непропустливоста на граничниот премин Батровци – Бајаково, на излезот од Србија во Хрватска, каде што до пред некое време се чекаше и повеќе од 48 часа, додека задржувањето на другите гранични терминали понекогаш трае и 12 часа. Со часови се чека и на границата со Унгарија. Почнавме да мислиме дека станува збор за нестандардни мерки или прикриени блокади за да се влијае врз нашата конкурентност – објаснува Муратовска. Според Европската комисија, најголемото дозволено задржување на границите смее да биде до 6 часа – додава Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот