
Македонија не испратила „вистинска“ дојава за помош од НАТО
Министерството за одбрана е во комуникација со МВР и од таму може да потврдат дека во активностите за откривање на лицата што стојат зад бомбите се користат механизмите на меѓународна помош, меѓународни безбедносни и полициски организации
Македонија може слободно да побара помош од НАТО како негова членка за решавање на проблемот со дојавите за бомби во училишта и во други објекти што се сметаат за хибридни напади, но досега, според извори од Алијансата, таква помош, формално, не е побарана.
Препорачано
Од Министерството за одбрана за „Слободен печат“ велат дека истрагата за лажните дојави за бомби е во надлежност на Министерството за внатрешни работи. „Во комуникација сме со МВР и може да потврдиме дека во активностите за откривање на лицата кои стојат зад бомбите се користат механизмите на меѓународна помош, меѓународни безбедносни и полициски организации“, ни одговорија од Министерството за одбрана на прашањето дали е побарана помош од НАТО.
Ставот на МВР, пак, го изнесе министерот Оливер Спасовски кој кажа дека партнерските служби од НАТО, Интерпол и од Европол исто така се вклучени во истрагата и во обезбедувањето информации за заканите со бомби што досега се покажа дека биле лажни.
Експертите сметаат дека, иако откривањето на изворот на таквите хибридни напади е многу тешко, станува збор за глобален проблем што треба глобално да се решава. Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров во изјава за „Слободен печат“ вели дека апсолутно, секако, дека треба да побараме помош од земјите сојузнички, бидејќи станува збор за хибридна војна, а ние сме дел од тоа семејство. Според него, секојдневните закани со бомби на некој начин станаа помодарство и ваквата појава може да оди во бесконечност.
– Создавање нови логови, вртење низ целиот свет… поради сето тоа секаде тешко се доаѓа до извршителот. Колку и да сакаме да го обвинуваме МВР треба да сме свесни за реалноста. Ја разбирам политиката на напади од опозицијата, но ако некој го најде решението сите ќе прифатиме, бидејќи сите сме засегнати од овој проблем. Прашањето е дали ние располагаме со таква техника за да го откриеме изворот на проблемот и дали и сојузниците имаат таква можност со она што располагаат. Техниката секој ден оди напред и прашање е дали овие хакери се понапред во таа техника. Ако имате алатки ќе дојдете лесно до извршителот. Вака хакерите можат да го држат светот во заложништво бидејќи ова се случува во многу земји. И затоа велам дека ова е глобален проблем кој глобално треба да се решава – нагласи Пивоваров.
И поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин се согласува дека може да побараме помош од Алијансата, бидејќи помага за активности кои може да се викаат сајбер или хибридни напади. Најголемата опасност за овој вид сајбернапади е таканаречената критична инфраструктура како аеродроми, железнички станици, банки, банки на податоци, болници и слично. Според него, засега кај нас повеќе се работи за еден вид пропаганда, хибриден напад затоа што сме членка на НАТО и учествуваме во коалицијата против Русија. Ова е еден вид опомена за тоа колку сме подготвени да одговараме на сајбернапади и колку имаме одбрана за клучната инфраструктура. Досегашните податоци покажуваат дека големо влијание или голема умешност постигнале поединци или држави како Кина, Русија, евентуално Белорусија, но и помали држави од Блискиот Исток. Ружин смета дека за овие закани може да се побара помош од НАТО, потсетувајќи центарот на НАТО за сајберодбрана е во Летонија.
Има ли Македонија алатки за справување со ваквите закани? Пивоваров потсетува дека во услови на ваква информатичка технологија алатките секојдневно се менуваат.
– Вие денес може да дојдете до нив со современа алатка утре тие доаѓаат со нови програми. Пак треба да направите нова за да одговорите. Особено внимание од оваа научена лекција треба да посветиме токму на сајбертероризмот. Технологиите се скапи, но заради безбедноста на државата треба да се одвојат пари за да ги решаваме ваквите проблеми зашто ова не води никаде. Процедурата е таква (празнење простории, излегување на луѓето…) што може цела држава да се држи во заложништво. Утре може да бидат 150 дојави. Реално, немаме толкави капацитети. Колку тимови има во МВР, што може да одговорат на пораките. Не може експресно да реагирате секаде – објаснува Пивоваров.
Тој, сепак, не прифаќа шпекулации дека ова што се случува е поради војната во Украина, но додава – секако дека има мотив, ништо од ова не е случајно.