Фото: Министерство за европски прашања

Македонија ќе добие механизам за скрининг на странски инвестиции

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани учествува на дводневна работилница на тема „Клучни аспекти во развојот на нов механизам за скрининг на странски директни инвестиции во Северна Македонија“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

-Оваа работилница се случува во вистински момент. Во моментов сме во процес на изготвување на национален механизам за скрининг на странски директни инвестиции, клучен политички и правен потфат за нашата земја. По неодамнешната одлука на Владата за обновување на мандатот, горд сум што го предводам овој процес во својство на министер за европски прашања. Повторно ја активиравме меѓуинституционалната работна група, а неколку од нејзините членови се присутни денес. Во рамките на таа група, помал тим за изготвување веќе започна со активно работење на првичната верзија на законот, рече Муртезани и додаде дека искуството на Чешка и Романија како земји-членки на ЕУ со веќе воспоставени функционални механизми за скрининг ќе ни помогне во дефинирањето на насоката.

Ова, додаде, не е само правна, туку и стратешка реформа за заштита на националните интереси и инвестицискиот потенцијал на земјата.

-Нашата цел е да воспоставиме механизам кој истовремено ќе ги штити националните интереси, ќе биде усогласен со правилата и очекувањата на ЕУ, а притоа ќе осигури дека Северна Македонија останува отворена за стабилни и продуктивни странски инвестиции, порача Муртезани.

Овие активности, како што кажа, се исто така тесно поврзани со нашиот процес на пристапување во ЕУ.

-Европската комисија, во својот последен Извештај за скрининг за Кластер 6 – Надворешни односи, јасно го наведува скринингот на СДИ како неопходна обврска. Пораката од Брисел е недвосмислена: сите земји кандидатки треба да развијат ефикасни системи за идентификување и ублажување на ризиците поврзани со чувствителни или стратешки странски инвестиции, особено во области како што се критичната инфраструктура, напредните технологии и податоци. Во тој контекст, сакам да ја истакнам важноста на Заедничките минимални стандарди развиени за Западен Балкан преку Берлинскиот процес. Иако нашиот механизам ќе биде прилагоден на националниот контекст, целосно ја уважуваме вредноста на регионалната кохерентност и ги земаме предвид овие стандарди во натамошниот развој на процесот, посочи Муртезани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот