
Македонија го врти погледот од Газа поради страв од Израел и од САД?
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, објаснува дека резолуцијата за хуманитарна помош во Газа не добила поддршка во македонското Собрание бидејќи, секако, била поднесена за „колку да се каже“.
Додека меѓународната сцена сè поотворено зазема ставови и сè повеќе земји официјално ја признаваат Палестина како независна држава, македонските власти сè уште се немаат изјаснето за нивната позиција околу ова прашање, иако некои индикатори покажуваат дека нема интерес за одобрување хуманитарна помош во Газа или признавање на палестинска држава.
Препорачано
Македонија останува без јасна официјална политика кон прашањето, а Владата и Министерството за надворешни работи не одговараат на новинарските прашања за тоа дали земјата ќе се приклучи на овој бран признавања или ќе продолжи со политиката на молк.
Македонското Собрание пред речиси еден месец не успеа да ја стави на дневен ред предлог-резолуцијата за Појасот Газа, со која се бараше дозвола за влез на хуманитарна помош во палестинската енклава, разурната од израелските напади. За резолуцијата гласаа само 16 пратеници, меѓу кои и шестмина од Левица. Со документот се предвидуваше Израел да дозволи влез на хуманитарна помош во Газа, но предлогот не помина.
Пратеникот од партијата Левица, Реџеп Исмаил — Хактан, за „Слободен печат“ тврди дека Резолуцијата за хуманитарна помош не поминала во Собранието бидејќи самото нејзино поднесување било повеќе формалност одошто вистинска политичка волја.
– Таа беше поднесена од одредена група пратеници кои сакаа да си го исперат образот пред нивните гласачи, без искрена намера да се донесе. Карактеристичен пример е фактот што еден од подносителите, Муса Џафери, воедно претседател на Комисијата за надворешни работи, веќе една година ја блокира Декларацијата за признавање на Државата Палестина поднесена од Левица, спречувајќи ја да стигне до пленарна седница. Ова јасно укажува дека политичкиот мотив зад резолуцијата не беше принципиелна поддршка, туку обид за политичко алиби – вели тој.
„Тивко бојкотираа зашто им се покоруваат на САД и на Израел“
Реџеп Исмаил посочува дека ниеден пратеник директно и гласно не изнел став дека е против предлог-резолуцијата. Таа пропадна, вели тој, поради преќутно бојкотирање, односно недоаѓање или воздржување од гласање на мнозинството пратеници – пред сè на владејачкото мнозинство. Тој смета дека власта е во служба на интересите на САД и на Израел.
– Причината е едноставна: на никако не може јавно да се оправда глас „против“ една хуманитарна резолуција. Затоа, пратениците од СДСМ, заедно со владејачкото мнозинство, избегаа од одговорност преку тивок бојкот, оставајќи ја резолуцијата без потребниот број гласови. Не дека досега не беше јасно дека македонската политичка и владејачка елита е во служба на туѓи интереси, особено на САД и на Израел, но овој случај дефинитивно го потврди тоа. Одбивањето на резолуцијата покажа дека тие елити се целосно субмисивни кон интересите на овие две држави, дури до степен на спремност да бидат соучесници во нивните злосторства против човештвото како што е геноцидот во Газа. Молкот на Владата и на Министерството за надворешни работи не е случаен – тој е показател за поданичко однесување кон САД – посочува пратеникот од Левица.
Македонија, додава тој, има насушна потреба од еквидистанца меѓу САД и ЕУ.
– Како мала и ранлива држава, единствен начин да ја зачува својата политичка субјективност и да избегне целосно потчинување на туѓи интереси е да се постави на рамномерна дистанца. Тоа би значело водење надворешна политика која е водена од нашите национални интереси, а не од диктатите на Вашингтон или на Брисел. За жал, во практика го гледаме спротивното – владејачката елита ја жртвува државната автономија заради сопствена краткорочна политичка корист. Но, ако сака да опстане како држава со интегритет, Македонија мора да ја развие оваа еквидистанца како принцип – тврди Исмаил.
Моменталната позиција на Македонија не може да се дефинира како неутралност во никој случај, таа е очигледна зависност, придружена со страв од последици, заклучува тој.
„Одлуката на земјава не менува ништо, подобро да не брзаме“
Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски, за „Слободен печат“ вели дека дилемите околу признавањето на независна палестинска држава не се едноставно решливи и бараат внимателен и сериозен пристап.
– Дилемите за признавањето на независна палестинска држава не се едноставно решливи и пред носењето на одлука, поврзана со ова прашање, секоја држава треба внимателно да ги разгледа сите аспекти, како и можните последици од таа одлука. Во тој контекст, треба да се земат предвид билатералните односи со Израел, позициите на САД и останатите постојани членки на Советот за безбедност на ОН, непостоењето на консензус за ова прашање внатре во ЕУ, а секако и драматичната состојба во реалноста на секојдневието во Газа – вели професорот Наумовски.
Евентуалната одлука на Македонија, тврди тој, нема да е клучна во разврската на целиот процес за наоѓање трајно решение на израелско-палестинскиот спор и не би било добро да се носат избрзани решенија, особено доколку тие решенија не се засновани на темелна анализа за тоа што ќе се постигне со тој чекор.
– Ние сме дел од регион кадешто со векови се испреплетуваат различни интереси, па затоа е потребен еден сериозен пристап, вклучително и внатрешни консултации меѓу институциите, како и размена на мислења со сојузниците и со пријателските држави – заклучува Наумовски.
„Каков црн напредок, Македонија ни симболично не ги поддржува Палестинците“
Иницијативата „Сите за Палестина“ денеска испрати писмо до претседателката Гордана Сиљановска Давкова непосредно пред почетокот на Генералната дебата во рамки на 80. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН). Во писмото ја потсетува претседателката дека во ОН гласот на Македонија како земја-членка треба да го застапува гласот на граѓаните, а не економските и политичките интереси на поединци.
Од иницијативата бараат Владата веднаш да го осуди, како што велат, геноцидот врз палестинскиот народ и официјално да ја признае Палестина. Тие повикуваат Македонија да се заложи за прекин на огнот и за влез на хуманитарна помош во Газа, независно дистрибуирана од Израел. Дополнително, инсистираат државата на сите идни гласања во Обединетите нации да зазема став на солидарност со Палестинците, да воведе санкции против Израел, да ја прекине трговската размена, како и културната, образовната и спортската соработка со оваа земја. Според иницијативата, надворешната политика треба да се врати во „рацете на народот, во дух на солидарност, а не на личен профит“.
„За каков мир, правда и напредок на здрава планета зборуваме, кога Македонија ни симболично нема изразено солидарност и поддршка со народ кој трпи геноцид, кој целиот свет го следи преку малите екрани? Како може да спиете мирно продолжувајќи ја економската и политичката соработка со геноциден ентитет како што е Израел?“, пишува во писмото пратено до Давкова.
Претседателката претходно за „Слободен печат“ само потсети дека признавањето држави и влади не е во нејзина надлежност, туку во надлежност на Владата, повикувајќи се на член 91 од Уставот.
Таа, сепак, нагласи дека палестинскиот народ има право на самоопределување и дека е потребен итен прекин на војната во Газа.
Особена тежина има тоа што Велика Британија ја призна Палестина
Во меѓувреме, сѐ повеќе земји во светот изразуваат солидарност со Палестина. Одлуката на Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија за признавање на палестинска држава е значајна бидејќи станува збор за земји кои традиционално се сметаат за блиски сојузници на Израел. Со нивното признавање, тие се приклучија кон повеќе од 150 држави во светот кои досега ја имаат признаено Палестина. Особена тежина има потегот на Велика Британија поради нејзината историска улога во создавањето на современиот Израел, анализира Ројтерс.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека со овој чин сака да се „оживее надежта за мир меѓу Израелците и Палестинците“, додека, пак, канадскиот премиер Марк Карни порача дека признавањето ќе ги зајакне силите кои се залагаат за мирно коегзистирање и крај на насилството. Португалија и Австралија го нагласија решението со две држави како единствена патека кон траен мир и правда.
Од друга страна, пак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја осуди одлуката, велејќи дека тоа е „награда за тероризмот“. Израел најави дека нема да дозволи создавање на палестинска држава западно од реката Јордан.