Орхан Муртезани / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Македонија е најдобар пример за упорност, не е лесно да се чека 20 години за членство во ЕУ, порача Муртезани во Брисел

Во вакви услови и по 20 години чекање, Муртезани вели дека во земјава сè уште има 65 до 70 отсто поддршка за европската интеграција, што покажува дека македонските граѓани сè уште се убедени дека нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.

Доколку граѓаните не видат опипливи резултати во пристапниот процес, ќе станува сè потешко да се зголеми нивната поддршка за членство, па затоа е потребно нивно информирање за придобивките од проширувањето уште пред зачленувањето, порача денеска во Брисел министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Сепак, вели дека Македонија е најдобар пример за упорност во постигнувањето на крајната цел.

Тој во своето обраќање на Форумот за проширувањето на ЕУ насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“ рече дека проширувањето на ЕУ е повеќе од само проширување на границите, тоа според Муртезани е и проширување на перспективите и заедничките судбини на граѓаните, па затоа, вели тој, земјава останува непоколеблива во негувањето на социјалниот дијалог, јакнењето на граѓанското општество и инвестирањето во младите.

– Секако дека не е лесно да се чека 20 години и во поголемиот дел од тој период како предводник во европската интеграција, но секако случајот со Северна Македонија е најдобриот пример за отпорност и упорност во постигнувањето на нашата крајна цел – рече Муртезани.

Во вакви услови и по 20 години чекање, Муртезани вели дека во земјава сè уште има 65 до 70 отсто поддршка за европската интеграција, што покажува дека македонските граѓани сè уште се убедени дека нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.

– Како што знаете, Западниот Балкан дури и географски е дел од Европа и можам да кажам заден двор на Европа, кој е подеднакво важен како и предниот двор, бидејќи и претходно видовме дека тој може многу лесно да се користи за ризични геополитички експерименти – рече Муртезани.

Тој објасни дека Владата воспоставила структурни партнерства со многу граѓански организации за да го направи пристапниот процес потранспарентен и инклузивен, како и дека многу невладини организации се дел од Комитетот за следење на спроведувањето на Планот за раст.

Муртезани се заблагодари на организаторот на собирот, Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и посебно на неговиот претседател Оливер Ропке затоа што ова е првата институција на ЕУ која ги вклучи и кандидатите за членство, како многу важен чекор кон нивната постепена интеграција во Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот