Фото: Илустрација

Македонец од Женева разви безболен метод за рано откривање рак на дебелото црево – еве како функционира

Новиот метод овозможува со 90 отсто точност да се открие рак на дебелото црево преку анализа на мал примерок од столицата, без потреба од инвазивна колоноскопија.

Ракот на дебелото црево е еден од најчестите причини за смрт доколку не се открие навреме, а за негово дијагностицирање се применува колоноскопијата која е инвазивен метод што бара трпение и време како за пациентот, така и за здравствениот персонал.

Тим од Универзитетот во Женева (UNIGE), предводен од професорот Мирко Трајковски, кој работи како редовен професор на Одделот за клеточна физиологија и метаболизам и во Центарот за дијабетес на Медицинскиот факултет, направи исчекор во дијагностицирањето.

Имено, за првпат тимот ги идентификувал човечките бактерии во цревата до ниво на детали и развил модел со којшто може да се предвиди присуството на колоректален карцином, исклучиво врз основа на бактериите присутни во столицата.

Со методот, што го откри овој тим научници, стапката на точност е 90 отсто што е многу блиску до стапката на откривање од 94 проценти карактеристична за колоноскопиите.

Разликата е во тоа што со овој метод пациентите не подлежат на инванзивни методи за дијагностицирање на оваа болест. Треба да се испрати мал дел од примерок од столицата во лабораторија каде што треба да се изолира бактериската ДНК и да се внесе во моделот, по што се утврдува дали примерокот е позитивен или не.

Трајковски за МИА: Методот не е инвазивен и е лесен за пациентите

Професорот Мирко Трајковски во екслузивна изјава за МИА објаснува како течело истражувањето, како функционира методот и открива кој бил поттикот да се дојде до едно вакво иновативно решение.

Тој посочува дека успеале да го направат првиот сеопфатен каталог на подвидови за цревната микробиота кај човекот.

— Врските меѓу цревната микробиота и колоректалниот рак се веќе познати. Сепак, бидејќи тие асоцијации се прават на основно ниво на вид, многу врски се пропуштени. Досега, ова го спречуваше користењето на микробиотата за скрининг или дијагностика. За да ја зголемиме резолуцијата над нивото на видот, би можеле да ја земеме предвид највисоката резолуција, што е нивото на сој. Иако резолуцијата на сојот би изгледала како преференцијално ниво на анализа, соевите се обично специфични за домаќинот, што значи дека секој од нас носи свои соеви, што го попречува дедуктивното истражување и ги прави споредбите меѓу студиите невозможни. За да го решиме овој проблем, дефиниравме ниво помеѓу видовите и соевите, наречено ниво на подвид, кое ги опфаќа функционалните разлики помеѓу соевите, но овозможува генерализација помеѓу различни популации, земји и студии. Во нашата студија, го развивме првиот сеопфатен каталог на подвидови на човечка цревна микробиота, кој ни овозможи да идентификуваме нови врски помеѓу бактериите и болеста, па дури и потенцијално да користиме секвенционирање на микробиотата во дијагностиката — вели Трајковски.

Над 200 подвидови на микроби асоцирани со рак на дебелото црево

Во анализата на цревни микроби кај колоректалниот карцином, идентификувани се над 200 подвидови кои се асоцирани со зголемен или со намален колоректален карцином во споредба со оние кај здравите луѓе.

— Еден од нив е Fusobacterium nucleatum, каде што една влијателна студија, паралелно со нашиот проект, експериментално покажа дека само една подгрупа од овој вид може да предизвика колоректален карцином. Понатаму, откривме 30 нови асоцијации присутни само на ниво на подвид, кои претходно беа пропуштени кога беа анализирани на ниво на вид. Користејќи го нашиот каталог, можеме дури и да предвидиме како тие подвидови би можеле да придонесат за колоректален карцином, преку производство на метаболити поврзани со ракот — појаснува Трајковски за МИА.

Ваквиот метод, како што објаснува, не е инвазивен и не бара посебни диети за пациентот, а точноста кај него е 90 отсто. Ова, вели Трајковски, ќе овозможи почест скрининг кај пациентите, односно наместо сегашниот 10-годишен период што се препорачува при колоноскопијата, сега со овој нов метод ќе може да се прави скрининг и на две години, што значи дека болеста може да се дијагностицира уште во раната фаза.

— Анализата се врши на мал примерок од столицата кој се испраќа во лабораторија. Таму, бактериската ДНК ќе биде изолирана, секвенционирана и внесена во моделот за машинско учење за да се види дали пациентот е позитивен и дали треба да биде упатен на дополнителни испитувања. Како што можете да видите, постапката е многу едноставна — вели Трајковски.

Методот има точност од 90 отсто

Точноста на овој модел, како што посочува, е околу 90 отсто што е блиску до стапката на отркивање од 94 проценти при колоноскопијата.

— Со нашиот пристап, се фокусиравме на развој на скрининг тест и постигнавме точност од околу 90 отсто, што е повисока од сите други достапни неинвазивни тестови. Во нашата студија, покажуваме дека сè уште има простор за подобрување со едноставно вклучување дополнителни бази на податоци за време на обуката. Поради тоа, се надеваме дека ќе ги зголемиме перформансите уште повеќе, потенцијално дури и ќе се приближиме до колоноскопијата, која има точност од околу 94 отсто. Ова ќе овозможи почест скрининг, на пример годишно или на секои две години, наместо сегашниот 10-годишен период, бидејќи нашиот метод не е инвазивен, многу поевтин, точен, не бара посебни диети и е лесен за употреба за пациентите. Позитивните резултати ќе бидат упатени на колоноскопија за да се потврди дијагнозата и за потенцијален третман. Со овој скрининг, можеме да го зголемиме раното откривање на болеста, што е клучно за нејзино успешно лекување и позитивен исход — нагласува Трајковски.

Тој додава дека бактериите сами по себе можат да бидат предизвикувачи на болеста, но дека и начинот на живот и генетските предиспозиции може да придонесат за развој на болеста.

Со внесување повеќе дополнителни бази на податоци се очекува дополнително да се подобрат перформансите на моделот.

Трајковски, кој по потекло е од Македонија, а веќе долги години живее и работи во Швајцарија, се надева дека овој нов модел во иднина може да се примени на која било болест поврзана со микробиотата.

— Веќе пробавме воспалителна болест на цревата и постигнавме одлични дијагностички резултати. Едноставно кажано, веруваме дека нашиот пристап може да се примени на која било болест каде што е поврзана микробиотата, што резултира со различни нивоа на дијагностичка точност — вели професорот Трајковски во екслузивната изјава за МИА.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот