Васил Стерјоски/Фото: МАЕИ

Македонците во Албанија испратија честитка: Илинден е нашиот завет на достоинство

По повод националниот празник Илинден, до сите Македонци, каде и да се, упатија партијата МАЕИ и македонските друштва во Албанија, порачувајќи дека Илинден е симбол на непокорот, единството и достоинството на македонскиот народ.

-На овој ден, се поклонуваме пред сите херои кои се жртвуваа за македонската слобода, и ги повикуваме сите Македонци на единство, истрајност и решителна заштита на нашиот национален идентитет. Нека е честит и вековит Илинден! Да живее македонскиот народ! Да живеат Македонците во Албанија, се наведува во честитката на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Македонското друштво „Преспа“-Пустец, во честитката наведува дека „Илинден е нашиот завет на достоинство, крвта што чука во срцето на секој Македонец“.

-Од Крушево до денес, нашите херои ни оставија обврска – да останеме исправени, горди и единствени, каде и да сме. Илинден не е само спомен. Тој е пламен што не гасне – ниту под притисоци, ниту под закани. Тој е крвта што чука во срцето на секој Македонец. Честит Илинден – да живее Македонија и нашата непокорна љубов кон неа“, стои во честитката потпишана од Едмонд Темелко, претседател на друштвото.

Честит и вековит Илинден, најголемиот македонски празник го честиташе и македонското друштво „Илинден“ Тирана, порачувајќи „Да го почитуваме и славиме овој голем ден во чест на Илинденско востание од 1903 и големиот Илинден 1944 година“, при тоа објавува и фотографија од излет на Македонците во Тирана во 1937 година.

Честитка упати и Панди Јани, познат активист за правата на Македонците и локален лидер на Партијата на слободата за Пустец.

-Денес се сеќаваме на храбрите борци и револуционери кои се бореа за нашиот идентитет, култура и слобода. Нека овој ден не потсети на значењето на нашата историја и на нашиот заеднички стремеж за подобра иднина. Честит и вековит Илинден. Да продолжиме да го негуваме и зачувуваме она што нашите предци го извојуваа со толкава пожртвуваност и љубов кон татковината, стои во честитката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот