
Македонците плаќаат највисока цена за автомобили во регионот
Импортерите на нови возила со кои разговараше „Слободен печат“, брифираат дека само Данска има поскапи давачки од нашите. Тие велат дека со децении се борат со државата да се укине акцизата, бидејќи автомобилите не се стока која се шверцува, бидејќи како што секој граѓанин има свој матичен број, така и секое возило има број на шасијата
Автомобилите во Македонија се најмалку за 20 проценти поскапи од оние кои се продаваат во регионот, а причината е што покрај царината и ДДВ, плаќаме и акциза, која во некои категории е поскапа и од висината на данокот на додадена вредност. Згора на тоа, во земјава се плаќа и акциза од 50 отсто при увозот на хибридни возила, а граѓаните сè уште немаат државни субвенции за купување нови возила, без разлика дали се бензински, дизел или електрични.
Препорачано
Импортерите на нови возила со кои разговараше „Слободен печат“, брифираат дека само Данска има поскапи давачки од нашите. Тие велат дека со децении се борат со државата да се укине акцизата, бидејќи автомобилите не се стока која се шверцува, бидејќи како што секој граѓанин има свој матичен број, така и секое возило има број на шасијата.
– Точно е дека кај нас автомобилите се најскапи за разлика од земјите во регионот, а тоа се должи на поголемите давачки. На пример во Словенија се плаќа само ДДВ, а нема царина. Ние плаќаме царина, ДДВ и акциза. Да се третираат автомобилите како акцизна стока е небулоза и да се ставаат во ист кош како цигарите и алкохолот. Со години се бориме да се симне оваа давачка, но досегашните напори не вродија со плод – објаснува за нашиот весник еден од најголемите македонски импортери.
Во 2024 година, увозот на возила во Македонија достигна рекордни бројки, особено кај новите автомобили. Според податоците на Царинската управа, вкупно се увезени 54.651 возила, од кои 13.168 се нови, а 41.483 половни. Ова е значителен пораст во однос на 2023 година, кога биле увезени 43.212 возила. Растот кај новите автомобили е речиси 30 отсто, а кај половните над 25 отсто. И покрај ваквите бројки, државата сè уште не доделува субвенции за купување нови возила, без разлика дали се бензински, дизел или електрични. И покрај зголемениот интерес за набавка на нови возила и минатата година доминирал увозот на половни возила. Повеќе од 75 отсто од сите возила увезени во 2024 година биле од стар возен парк, кој бил претходно користен во странски земји.
Инаку, Србија, Албанија и Црна Гора воведоа построги мерки за увоз на половни возила, ограничувајќи ги на оние со ЕУРО 5 стандарди, но во Македонија засега нема такви регулативи. Последен пат, регулативата е променета во октомври 2023 година, кога беа зголемени давачките за луксузни и еколошки штетни возила, за да се усогласиме со европските стандарди и да ги исполниме обврските од Климатскиот договор од Париз.
Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на регистрирани возила во 2023 година изнесувал 658.894, од кои повеќе од 552.934 се патнички автомобили со македонски регистарски таблички. Притоа, во 2023 година во Скопје имало 184.646 возила на улиците според бројот на издадени регистарски таблички.
Американските царини нема да ги поскапат автомобилите
Цената на новите автомобили во Македонија нема да се зголеми, уверуваат импортерите за „Слободен печат“. Тие брифираат дека продажбата на моторните возила во домашните автосалони не е загрозена од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто на увозот од ЕУ, конкретно за автомобилите. Овие царини, што се очекува да стапат на сила од почетокот на април, ќе влијаат врз производството на европските фабрики, што пак ќе им ја намали продажбата, а притисокот од царините ќе падне врз грбот на европските потрошувачи.
– Нема да има промена на цените, овие царини не се однесуваат на Македонија – дециден е еден од најголемите македонски импортери.