Невистинитa реклами за Generator Fly споделувана на социјалните мрежи

Македонци изгубија стотици илјади евра во понзи шема наречена „Генератор Флај“

Стотици илјади евра, меѓу кои и такви што се земени како кредит од банка и земени како позајмица од пријатели изгубија македонските граѓани коишто учествувале во понзи измамничка шема претставена како реална „бизнис можност“ наречена Generator Fly. Дел од нив за „Слободен печат“ велат дека навистина верувале дека работат легална и вистинска работа, бидејќи вложувале во нешто што мислеле дека е компанија базирана на вештачка интелигенција. На таков начин им била и продавана идејата дека ќе купат генератори што ќе создаваат текстови со помош на вештачка интелигенција, а текстовите ќе ги користат медиумите ширум светот. Под превезот дека ќе креираат содржини за медиуми и новинари, наместо самите медиуми и новинари, граѓаните влегувале во измамничката шема и секој ден на платформа која била фиктивна, им се прикажувале и „заработките“.

„Дури снимавме и промотивни видеа и нè лажеа дека ќе патуваме за Дубаи“

 

Жена од Битола, која е една од измамените, за „Слободен печат“ вели дека изгубила илјада евра, на начин што купувала „генератори“ кои во текот на денот креирале текстови со вештачка интелигенција. Во шемата влегла откако видела реклами на социјалните мрежи после што ја контактирал „ментор“. Менторот ѝ кажал дека има повеќе степени на генератор што може да ги купи – основен генератор на текстови креирани со вештачка интелигенција, па сè до професионален генератор кој чинел 1.200 долари. Во овие алатки таа имала задача секој ден да подесува параметри – дали текстот да биде напишан со разговорен јазик, дали на англиски, колку зборови да има и потоа да кликне за текстот да се генерира. После секоја таква завршена „задача“ на контото на екранот добивала „пари“ – кои никогаш не успеала да ги повлече.

-Дури и снимавме промотивни видеа, како сме задоволни од компанијата GeneratorFly и за тоа добивавме по 40 долари. Но нив не можевме да ги повлечеме од платформата туку само се појавија како бројки на екранот, а во саботата сајтот го снема а со него и сите наши пари што мислевме дека ги имаме, изјави за „Слободен печат“ Л.Ј. од Битола, една од жените кои биле вовлечени во понзи шемата.

Таа за нашата редакција сподели дека парите за купувањето на „генераторите“ со чија помош биле креирани текстови со вештачка интелигенција, ги уплаќала преку банкарска сметка на две физички лица во Македонија, кои имале сметки во македонски банки. Меѓутоа, секогаш кога ги уплаќала парите во дознака ѝ било сугерирано да напише дека се работи за подарок, бидејќи „менторот“ ѝ велел дека тие луѓе ѝ прават услуга и ако парите се префрлат на друг начин нема да поминат низ банкарскиот промет.

 

Повеќе „генератори“ на GeneratorFly – „одлетаа“ илјадници евра

 

Откако ќе ги уплател парите, нашиот извор тврди дека добивал пристап до повеќе опции на лажната платформа за која не знаел дека е лажна, поточно кога стигнала до нивото „професионалец“ на платформата GeneratorFly, добила можност да креира 24 текстови дневно со профит од еден текст од 1,20 долари. Во мрежата вклучувала и други луѓе од своето блиско опкружување бидејќи мислела дека се работи за вистинска заработка. Ова траело до саботата, кога сајтот едноставно го снемало, а денеска кога ќе се влезе на таа веб-адреса таа е преименувана во сосема друга област неповрзана со никаков генератор на текстови со вештачка интелигенција. Но, како што објаснува нашиот извор – во понзи шемата имало и генератори што можеле да се купат за 6 илјади евра, а кои креирале и текст и видео. За нив се правел особен притисок да се купат, на начин што се тврдело дека има „само ограничен број“ кој е достапен и наскоро ќе ги снема. Дел од менторите им кажувале на измамените дека и да немаат пари „тие ќе им додадат“, а подоцна ќе се раздолжат, само побрзо да ги „фатат преостанатите генератори додека уште ги има“.

-Менторот ни кажуваше дека ќе одиме во Дубаи од 21-28 декември. Секако ништо од тоа не се оствари – вели нашата соговорничка.

Таа жали што вовела 20 луѓе во нешто што мислела дека е бизнис, а не било, особено што дел од нив се задолжувале во банки со кредити за да купат генератори што не постоеле.

За да се направи измамата да изгледа веродостојно, вовлечените во неа биле бомбардирани со видео-материјали, па дури и во хотел во Белград бил организиран настан со физичко присуство.

Но, еден ден пред одржувањето на настанот, „пукна“ измамничката шема која постоела од април и на настанот во хотелот не се појавил никој иако тој бил целосно платен и подмирени биле сите трошоци за неговото одржување.

На „Телеграм“ има цела група на измамени граѓани од целиот Балкан, меѓу кои најбројни се оние од Македонија и од Србија. Дел од нив  ги обвинуваат своите „ментори“ дека ги измамиле и им ги бараат парите назад, а друг дел сметаат дека „менторите“ се и самите измамени.

-Вкупно изгубив 20 илјади евра но не сакам да тужам зашто знам дека на суд секако ќе загубам бидејќи немам документ црно на бело за тие пари, немам договор, немам ништо, а сигурен сум дека тие имаат силни адвокати и може судот да пресуди јас да плаќам судски трошоци и казна за овие измамници, коментира во групата на „Телеграм“ еден од измамените граѓани на српски јазик.

„Слободен печат“ во Министерството за внатрешни работи праша дали во компјутерски криминал или во СВР Битола, Куманово и Скопје за каде имаме информации дека живееле дел од намамените во понзи-шемата, има пријави за GeneratorFly. До објавувањето на овој текст одговор не пристигна.

Ова не е првата понзи-шема што ги олесни македонските граѓани за стотици илјади евра. Пред една година таков беше случајот со пирамидалната шема „Конти“ која најмногу ја користеа жителите на Кавадарци, Радовиш и Велес.

Тошковски: Досега нема кривична пријава поврзана со „Конти“

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот