
Мадуро: Осум бродови со 1.200 ракети и американска подморница ја загрозуваат Венецуела
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денес го опиша како закана распоредувањето на осум бродови со 1.200 ракети и американска подморница, по распоредувањето на американската војска на Карибите во наводна борба против меѓународната трговија со дрога.
Препорачано
„Венецуела се соочува со најголемата закана што нашиот континент ја видел во последните 100 години – осум бродови со 1.200 ракети и подморница насочена кон Венецуела. Тоа е неоправдана, неморална, апсолутно криминална и крвава закана“, изјави Мадуро пред странските новинари.
Мадуро ја нарече заканата од американско слетување обид за промена на владата во Венецуела, иако САД никогаш јавно не се заканиле дека ќе ја нападнат земјата.
Вашингтон го обвинува Мадуро дека предводи мрежа за трговија со дрога, таканаречениот Картел на сонцето, кој американската администрација го означи како терористичка организација, а неодамна ја зголеми наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари.
Венецуелскиот претседател, кој тврди дека ги прекинал односите со САД, рече дека активирал „специјален план за распоредување на повеќе од 4,5 милиони членови на милицијата“. Тој додаде дека ја распоредил морнарицата и беспилотните летала за надзор во венецуелските територијални води.
Според официјални извори, милицијата, основана од покојниот претседател Уго Чавез, кого го наследи Мадуро, се состои од околу пет милиони луѓе, и цивили и резервисти, и е под команда на армијата.
„Тие сакаа да се движат кон она што го нарекуваат максимален притисок, во овој случај воен. И соочени со максимален воен притисок, ние прогласивме максимална подготвеност да ја браниме Венецуела“, додаде Мадуро.
Според него, Венецуела никогаш нема да попушти на уцени или закани од каков било вид.