Лустрацијата требаше да биде проследена и со рехабилитација

Поранешниот член на Комисијата за верификација на фактите од редовите на тогашната опозиција Чедо Дамјановски, вели дека кога се носеше законот за лустрација, идејата беше да се донесе и закон за рехабилитација на жртвите на претходниот комунистички систем.

– Нема поента само да се казнат оние кои лошо ги информирале службите, без да се понуди сатисфакција и за жртвите на тоа лажно информирање. Досега тоа требаше да биде сторено, но од низа политички причини, досега нема закон за рехабилитација на тие жртви – вели Дамјановски за „Слободен печат“.

Според него, евентуалното поништување на лустрацијата, како што е предвидено во законот што го предлага СДСМ, нема да помине на Уставен суд, затоа што не може да се поништуваат судски одлуки ако е укинат некој закон врз основа на кој се донесени. Дамјановски смета дека треба да се направи ревизија на целиот процес на лустрација, да се види дали одлуките се донесени врз основа на докази и аргументи или не, затоа што овој процес се користеше за политичка борба со неистомислениците на тогаш владејачка ВМРО-ДПМНЕ.

– Зошто во законот нема казни за злоупотребата на овој процес? Ако треба, нека се формира нова комисија, нека ги отвори пак сите документи. Но, не е поентата да се поништува досегашната лустрација, затоа што не се сите неправедно лустрирани. Имаше и вистински соработници кои нанеле штета со своето информирање и сега според преложениот закон, ним треба и да им се исплаќа отштета – вели Дамјановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот