
ЛШ: „Срамежливата“ Мура непријатно ја изненади Шкендија во Скопје
Во првиот натпревар од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ составот на Шкендија изненадувачки загуби со 0:1 од словенечката екипа на Мура.
Препорачано
Почетно тестирање силите на двете страни во првите 10-15 минути, со блага иницијатива на тетовските „црвено-црни“ оправдано поради нивното поголемо искуство на меѓународната сцена.
Но, и Словенците покажаа уште на стартот дека беа дојдени во Скопје да играат фудбал и бидат рамноправни во првите 90 минути против македонскиот фудбалски шампион.
Во 16 минута од средбата прв сериозен удар кон голманот на Мура од Бесарт Ибраими, топката заврши право во рацете на Обрадовиќ.
Само 120 секунди подоцна уште една убава можност нашиот претставник да дојде во водство, од непосредна близина се обиде Дориев, но повторно како победник излезе чуварот на мрежата Обрадовиќ.
Во 27 минута Кривак направи прекршок во казнениот простор на ФК Шкендија по што главниот судија од Португалија покажа на белата точка, а сигурен реализатор беше Бобичанец за предност на Мура (0:1).
Домаќинот свесен дека мораше подобро да пристапи во текот на дуелот со повеќе креативност во нападот, следната нова шанса дојде во 33 минута кога од слободен удар се обиде Ибраими, но топката заврши за малку над противничкиот гол.
До крајот на првото полувреме Мура беше ориентирана главно на одбраната, а Шкендија која имаше повеќе посед на топката, повеќе од играта со повеќе закани, сиот притисок се исплати пред паузата кога беше досуден пенал за Шкендија по прекршокот на Марушко, но Ибраими не беше прецизен, односно топката заврши покрај десната статива на Обрадовиќ.
Гостите можеа да дојдат на стартот од вториот дел уште еднаш изненадувачки до нов погодок, за среќа Клепач не го пронајде патот до мрежата. Казната можеше да стигне на спротивната страна преку Мурати кој избегна офсајд позиција во 58 минута, но уште еднаш добро интервенираше Обрадовиќ.
Мура скоро безопасна и во второто полувреме, а на спротивната страна само се реда шансите на Шкендија, во 76 минута нов обид имаше преку Ибраими со левата нога, но повторно надвор од рамките на голот. На ист начин на работ од шеснаесетникот се обиде истиот играч, но сега право во рацете на Обрадовиќ.
Со сите сили се обидуваше Шкендија барем да дојде до реми, на крајот беше поразена, и сега на возвратната пресметка ќе мора и дефинитивно да оди на гол повеќе доколку сака да направи нешто повеќе во овој двомеч. Реванш средбата во Словенија ќе се игра на 13 јули со почеток од 20.00 часот.
Лига на шампиони
1. квалификациско коло
Прв натпревар
Шкендија – Мура 0:1 (0:1)
Бобичанец 28` пенал
Шкендија: Захов, Мурати, Кривак, Бејтулаи, Павиќ, Зејнулаи (Хебај 64`), Алими, Дориев (Елези 81`), Џака, Нафиу (Игор 64`), Ибраими.