Градежни работници/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Локалните избори пред работничките права- уште една пропуштена година за Законот за работни односи

Спектакуларно, најавувано како суштинска реформа уште пред пет години, ова законско решение смени повеќе министри, ама остана недонесено. Во јавните расправи, преговорите, дебатите меѓу синдикатите, Министерството за труд и социјала и Организацијата на работодавачите, се договорени дури 70 отсто од новиот Закон за работни односи

Владата прослави една година од владеењето, ама не стигна да изработи нов Закон за работни односи. А, како што стојат работите, таканаречениот работнички Устав најверојатно ќе почека да се завршат локалните избори, оти Собранието нема да заседава освен за итни работи. Спектакуларно, најавувано како суштинска реформа уште пред шест години, ова законско решение не успеаја да го донесат неколку министри за труд и социјала, иако по јавните расправи, преговорите, дебатите меѓу синдикатите, ресорот и Организацијата на работодавачите, беа договорени некои покрупни, но и поситни спорни жешки точки, но изостана финалето.

Извори од ССМ, но и од ОРМ за „Слободен печат“ велат дека се завршени 70 отсто од работите, додека за 30 отсто од важните прашања не бил постигнат договор. Во меѓувреме, беа протнати измените во актуелниот Закон за работни односи, со кои се предвиде ангажирање работници за прекувремена работа со нивна согласност за потребите на изградбата на Коридорите 8 и 10Д, кои предизвикаа бурни реакции.

Претходно имаше и други пробиви на Законот што се однесуваа на опфатот на неработната недела. Последна во низата измени по скратена постапка беше намалениот праг на синдикалното членство од 10 на 5 отсто, со образложение дека така ќе имало повеќе застапници на работниците во Економско-социјалниот совет?!
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши уште во април годинава истакна дека реформата на трудовото законодавство не е само технички процес, туку одлука за насоката што треба да ја заземе пазарот на трудот во нашата земја. Според него, дебатата требала да ѝ помогне на Владата да одлучи што ќе прави со Законот за работни односи кој е нефункционален, бидејќи од 2005 година кога е донесен до сега, има 28 измени и дополнувања.

– Многуте измени придонесоа за тешко следење на законот. Тој не ги следи брзите промени на пазарот на трудот, а детектирани се и многу одредби што поради својата нејасност придонесуваат за правна несигурност – рече Дурмиши.

Во меѓувреме, барањата на ССМ остануваат исти и тие не отстапуваат од нив.

– Нов Закон за работни односи е преку потребен за да ги заштитиме и да ги зачуваме нашите работници, кои во изминативе години масовно ја напуштаат земјава – велат од ССМ.

Најболната точка за синдикалците се договорите на определено време. ССМ бара тие да траат максимум една, а во последниот пречистен текст на Нацрт-законот за работни односи, нивното времетраење остана на пет години! Според последната изјава на министерот Дурмиши е дека не се разговарало за намалување на рокот на договорите за определено време.
Работата на определено време, Синдикатот ја смета за една од поголемите теми што е неопходно да се уредат на начин на кој нема да се манипулираат работниците.

– Со сегашната регулатива се дозволува работа на определено време дури пет години. Ние бараме тоа да биде максимум една година. Во една година дефинитивно работодавачот може да оцени дали тој работник му одговара. Притисокот на работодавачите е во новиот закон за работни односи, рокот за работа на определено време да биде две години – брифираат синдикалците. Што се однесува до прекувремена работа, Сојузот на синдикати повеќепати алармираше дека системот за контрола на работно време е во рацете на работодавачите. Од првиот ден на дебатата за новиот Закон за работни односи, од ССМ потенцираа дека дел од нивните барања се и да има породилно отсуство во траење од 12 месеци, како и доследно почитување на правото за уредување плата со закон и колективен договор.

 ИТУЦ: Во Македонија се креираат „жолти“ или квазисиндикати

Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУЦ) во годинашниот Извештај – Индекс за глобални права „Најлошите држави во светот за работниците“, ја рангираше Македонија на четврто место во рангот на земјите со систематско прекршување на правата на работниците или на претпоследното место. Во Извештајот се нагласува дека како најлоши услови од почетокот на сметање на Индексот за глобални права е и формирањето „жолти синдикати“ од страна на работодавачите, а Македонија е наведена како еден од негативните примери.

ССМ во континуитет предупредува дека формирањето жолт синдикат со политичка наредба, присилување на работниците да се приклучат на таквиот жолт синдикат или квазисиндикат не е во интерес на никој друг освен на спроведување на политиката за незголемување на платите на работниците.

Последен таков пример на помагање и создавање квази, жолт синдикат, е вештачкото намалување на прагот за утврдување на репрезентативност од 10 на 5 отсто за сосила да се направи репрезентативен еден жолт синдикат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот