
Љутков им се извини на вработените во културата кои останаа без плата за Велигден
Министерот за култура Зоран Љутков им се извини на вработените во културата кои останаа без плата за Велигденските празници.
Препорачано
-Како ваш колега и министер за култура и туризам, сакам искрено и длабоко да Ви се извинам поради тоа што се случи – платите да доцнат и да не бидат исплатени пред Велигденските празници. Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за Вас и Вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време. Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата – објави Љутков на Фејсбук.
Над 3.000 вработени во културните институции останаа без мартовска плата за Велигден, иако платата требаше да се исплати најдоцна до 15 април.
Министерот тврдеше дека платата ќе се исплати веднаш по празниците и дека доцнењето се должи на несогласувања околу пресметката по последното зголемување. Синдикатот најавува тужби и повторна активирање на протестите по Велигден.