
Ликовното студио „Арс вивенди“ ќе ја одржи дваесеттата завршна изложба на своите ученици
Во Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, во големата сала – сутерен, на 2 јуни, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена завршна изложба на дела изработени од членови на ликовното студио „Арс вивенди“ под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски и ќе бидат доделени дипломи за учебната 2024/2025 година.
Препорачано
Ликовното студио прославува дваесет години успешно работење, а студиото за креативно пишување, под менторство на Дијана Петкова, ќе прослави десетгодишно постоење.
Во ликовното студио „Арс вивенди“ се изучуваат и се работи со повеќе техники коишто им овозможуваат на членовите на студиото да се изразуваат креативно. Оваа година на завршната изложба ќе бидат изложени дела работени во техниките: акварел, темпера, акрил на платно, цртеж со молив, фломастери и дрвени боички.
Во студиото за креативно пишување, пак, се изучуваат книжевни техники за креативно изразување со зборови, коишто честопати се комбинираат со исти такви ликовни техники. Досега се отпечатени шест збирки изработени од членови на студиото.
„Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на двете студија коишто успешно ги насочуваат и им го покажуваат правецот на членовите во ликовниот и книжевниот свет, истакнуваат од „Арс вивенди“.