Лидерска средба со коалиционите партнери / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Лидерите во декември ќе договорат како ќе се гласа во мај

Планирам во текот на декември да се одржи една средба во Собранието со парламентарните партии на која ќе можеме да ги дефинираме сите детали за идната година да одиме на избори, најави премиерот Димитар Ковачевски.

Средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните партии на која ќе се одреди датум за изборите, ќе се одржи во Собранието во декември, изјави Ковачевски. Тој повтори дека во мај има доволно простор да се одржат редовни и претседателски и парламентарни избори, но одби да потврди дали ќе бидат на 8 мај.

Владините партнери сè уште немаат договор дали на изборите да одат со заеднички листи. Неофицијално, СДСМ и ДУИ се блиску до таква соработка, а не се исклучува и Алијанса за Албанците да биде дел од предизборната коалиција.

– Се водат разговори со партиите за одржување на изборите и, како што реков, во мај има доволно простор да се организираат редовни претседателски и парламентарни избори. Планирам во текот на декември да се одржи една средба во Собранието со парламентарните партии на која ќе можеме да ги дефинираме сите детали за идната година да одиме на избори – рече Ковачевски.

Лидерската во Собранието за датумот на изборите е формалност, бидејќи 8 мај е единствениот термин кога претседателските и парламентарните избори може да се одржат во редовниот термин. Партиите допрва ќе пресметуваат дали добитна комбинација на изборите им е коалициски или самостоен настап. Премиерот не прецизира дали со ДУИ на изборите ќе настапат со заеднички листи.

– Тоа е одлука на партиите и предмет на коалициски договори и во моментов за такво нешто не можеме со сигурност да зборуваме – рече Ковачевски.

Висок функционер од СДСМ брифира дека и лидерот на ДУИ Али Ахмети бил заинтересиран актуелната Влада да продолжи и по изборите, што значи дека се коалициските партнери се блиску до договор за заеднички листи. Се чека да се види дали анкетите ќе покажат дека добитна комбинација е ако со ДУИ и Алијанса за Албанците на изборите одат заедно. Битно е што ќе покажат анкетите во третата и во четвртата изборна единица каде што Македонците се доминантно гласачко тело.

Договорот за заеднички листи може да пропадне доколку партиите не успеат да се усогласат за распределба на носителите на листите. Заедничките листи на СДСМ, ДУИ и евентуално со Алијанса би значеле дека во Првата изборна единица како директен политички ривал на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски би бил Ковачевски, во Шестата ИЕ носител би бил Ахмети. „Петката“ би отишла кај Алијанса, на Третата и Четвртата ИЕ носители ќе бидат од СДСМ и коалицијата, а битка ќе има за Втората изборна единица, бидејќи таму е Оливер Спасовски, а на ДУИ ѝ е важна бидејќи таму носител од Европскиот сојуз за промени најверојатно ќе биде Изет Меџити, доскорешниот сопартиец на интегративците.

Доколку се изјалови планот за заеднички настап помеѓу СДСМ и ДУИ, има расположение интегративците да одат во коалиција со Алијанса за Албанците. Алијанса, пак, калкулира со четири опции – сами да одат на избори, со ДУИ, со СДСМ и со ДУИ и последна опција е со албанскиот опозициски блок.

Интересно е дека СДСМ сè уште смета дека има простор за договор со ДУИ во последните 100 дена од власта, односно откако премиер на техничката влада ќе биде Албанец предложен од ДУИ, Талат Џафери да му го отстапи претседателското столче во Собранието на пратеник од СДСМ. Според СДСМ, во таков случај ќе се избегне голема концентрација на функционери од ДУИ на витални државнички функции.
Функционер од ДУИ, пак, за предлогот на СДСМ вели дека ако Ахмети ја прифати понудата, тогаш Џафери собраниското столче ќе го смени со премиерско и дека тоа ќе биде вин-вин решение.

Можно е ДИК да остане без уште еден член

Додека се очекува Собранието да го комплетира составот на Државната изборна комисија (ДИК), бидејќи веќе девет месеци е без еден член откако Кренар Лога стана министер за правда, можно е Комисијата да остане без уште еден член. Меѓу пријавените кандидати за новиот состав на Антикорупциската комисија е и актуелниот член на ДИК, Борис Кондарко. Ако Кондарко биде избран во Антикорупциска, тогаш Собранието повторно ќе треба да огласи избор на нов член на ДИК.
Европскиот сојуз за промени денеска на Комисијата за избори и именувања побара точка на дневниот ред да биде утврдување кандидати за ДИК, но претседателката рече дека за таа точка ќе свика нова седница. Кандидати за член на ДИК, освен Европскиот сојуз номинира и Алијанса за Албанците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот