Самит Г-7

Лидерите на Г-7 не успеаја да го убедат Бајден да ја продолжи мисијата во Авганистан

 Додека талибанците назначуваат свои функционери и министри, светските сили се обидуваат да евакуираат што повеќе луѓе од Авганистан.

Покрај странските државјани, од кои досега многумина ја напуштија земјата, многу Авганистанци стравуваат од повторување на бруталното толкување на шеријатскиот закон што талибанците го воведоа кога првпат ја преземаа власта во 1996-2001 година и од одмазда за соработување со САД во изминатите две децении. Во исто време портпаролот на талибанците ги предупреди САД да престанат со евакуација на квалификувани Авганистанци, и истакна дека нема да биде продолжен рокот за напуштање на земјата на 31 август.

Поради ситуацијата со евакуацијата од Авганистан и однесувањето на талибанците, вчера се одржа и онлајн вонреден состанок на лидерите на седумте индустриски најразвиени земји во светот, со кој претседаваше британскиот премиер Борис Џонсон.

Се очекуваше британскиот премиер да изврши притисок врз американскиот претседател Џо Бајден да ги задржи своите сили на терен после 31 август, бидејќи тие обезбедуваат сигурност на аеродромот во Кабул за да им се овозможи на луѓето да ја напуштат земјата.

Џонсон и другите лидери на Г-7 сепак не успеаја да ги убедат САД да ги задржат војниците во Авганистан за да продолжат напорите за евакуација по крајот на месецот.

По вонредниот состанок на лидерите на Г-7 Бајден рече дека рокот останува во сила. Тој подоцна додаде дека сепак, рокот за повлекување на американските војници од Авганистан (31 август) зависи од тоа дали талибанците ќе обезбедат пристап до аеродромот во Кабул. Според американските медиуми, тој на самитот на Г-7, рекол дека американската војска во земјата е под голем ризик од терористички напади, и тој расте од ден на ден.

– Ќе направиме сè што можеме до последна минута, но слушнавте што рече претседателот на САД, слушнавте што рекоа талибанците, рече Џонсон и изрази увереност дека можат да се извлечат уште илјадници луѓе. Сепак тој истакна дека ситуацијата на аеродромот не се подобрува.

Британскиот премиер по итната видеоконференција на Г-7, изјави дека организацијата на седумте најразвиени земји во светот постигнала договор за планот за како да се однесува кон талибанците.

– Она што го направивме денеска како Г-7 е постигнување договор, не само за заеднички пристап за решавање на евакуацијата, туку се согласивме и за план како ќе се однесуваме кон талибанците, рече Џонсон по итниот видео самит на седумте најразвиени земји во светот.

Тој повтори дека условот број еден за талибанците е тие да мора да гарантираат безбеден премин за секој што сака да го напушти Авганистан по 31 август.

Џонсон изрази надеж дека талибанците ќе сфатат дека, како што рече, Г7 е организација која има клучно глобално „економско, дипломатско и политичко влијание”.

– Она што сакаме да го порачаме е дека Авганистан не може повторно да стане жариште на терор, ниту нарко држава, а девојчињата мора да имаат право на образование до 18-годишна возраст, рече британскиот премиер.

 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот