Фото: Фејсбук

Левица: Власта е глува на крикот на младите – Собранието го одби пакетот закони за младите семејства

Додека на Македонија ѝ се случува масовен егзодус, владејачкото мнозинство, заглавено во политичка ароганција, нема никаков слух за суштинските потреби на младите, велат од Левица.

На денешната собраниска седница, само 19 пратеници гласаа „За“ пакетот закони поднесен од Левица, со кои се адресираа најгорливите проблеми на младите и младите семејства (како домување и економска сигурност), соопшти партијата.

„Пратениците од ДПМНЕ-ЗНАМ-Вреди не гласаа за скратено и флексибилно работно време од шест часа за родители до шестата година на детето! Пратениците од ДПМНЕ-ЗНАМ-Вреди не гласаа за утврдување максимална висина на закупнините и за заштита на оние кои немаат сопствен дом! Пратениците од ДПМНЕ-ЗНАМ-Вреди не гласаа за нов Закон за државна поддршка при купување прв дом за млади! Пратениците од ДПМНЕ-ЗНАМ-Вреди не гласаа за месечен ваучер во износ од 6.000 денари за неформалните грижители за деца (како баби и дедовци)! Пратениците од ДПМНЕ-ЗНАМ-Вреди не гласаа за бесплатен јавен превоз за родители на деца до 6 години!“, се вели во соопштението на Левица.

Иако овој пакет на мерки и предлог закони произлезе од директна и широка анкета која ја спроведе Левица меѓу младите – се посочува во соопштението – власта, заглавена во безидејност, продолжува да го игнорира гласот на младите. За погубната тенденција на иселување говори податокот дека оваа учебна година во македонските училишта се запишале дури 27.000 ученици помалку, се додава, споредбено со пред 10 години.

„Одговорноста за тоа што Македонија старее е во сите владејачки елити досега, кои изградија систем каде за некого домувањето е луксуз, додека, пак, нивните милионери функционери богатството го трошат по раскошни локации како Монако и во Дубаи“, се заклучува во соопштението на Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!