
Левица ќе поднесе предлог-закон за формирање на Инспекторат за употреба на државните симболи
Пратеничката група на Левица во текот на неделава ќе поднесе предлог-закон за формирање на Инспекторат за употреба на грбот, знамето и химната на државава и на знамињата на заедниците во земјава што ќе даде механизам за спроведување на веќе постојните закони и законска материја, најави пратеникот Амар Мециновиќ.
Препорачано
– Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но нема орган кој го спроведува овој закон. Исто така постои закон за знамињата на заедниците и тој закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично имаме мртво слово на хартија, а во меѓувреме сме сведоци на секојдневно непочитување на државните симболи особено за време на јавни прослави, спортски манифестации, па дури и на официјални церемонии – рече Мециновиќ од Левица на денешната прес-конференција во Собранието.
Секојдневно, тој посочи дека гледаме неправилна употреба, навредлива експонираност или отсуство таму каде што законот пропишува дека треба да стои.
– Во суштина толку често не се почитува Законот за употреба на државните симболи што веќе е и изрелативизиран без орган кој треба да го спроведува. Сето тоа директно го нарушува достоинството на државата и нејзините граѓани. Овој Предлог закон има за цел да го исполни тој правен вакуум, со него се предвидува формирање на Инспекторат во рамки на Министерството за правда, со јасно дефинирани надлежности, процедура за инспекциски надзор и прекршочни мерки – појасни Мециновиќ и додаде дека Инспекторатот ќе има капацитет да врши надзор и над институции и над правни и физички лица, а ќе постои можност и граѓаните да поднесуваат иницијативи до него.
Ние, како што кажа, имаме законска материја која предвидува што е правилно, а што не е правилно со употребата на државните симболи, но немаме институција која ќе ја спроведува. Токму затоа се предлага да се формира Инспекторат кој ќе ја следи доследната примена на законската регулатива со што не се намалуваат постојните права, туку се гарантира дека тие ќе се почитуваат и доследно ќе се применуваат.
– Очекуваме широка поддршка од парламентарните групи бидејќи не се работи за политички калкулации, туку за пополнување на вакуум и враќање на достоинството на државните симболи после долго време на нивно непочитување – рече Мециновиќ
МВР, како што кажа во одговор на новинарско прашање, генерално реагира при сквернавење на државните симболи, но не оди во кабинетите на некои од партиите каде има секакви знамиња само не и македонското. Затоа треба да се формира Инспекторат кој доследно ќе ја следи законската примена, дури и кај приватните ентитети.
– Предвидени се глоби за непочитување на законот, а нив ќе ги изрекува Инспекторатот – посочи Мециновиќ.