
Лекот за болните од цистична фиброза „трикафта“ пристигна во земјава
„Трикафта“, лекот за болните од цистична фиброза, е стигнат во државава, потврди претседателот на асоцијацијата на овие пациенти, Фики Гаспар.
Препорачано
Тој вели дека лекот пристигнал во земјава во понеделникот, но дека сѐ уште не е дистрибуиран до Клиниката, бидејќи се чекаат да завршат административните процедури.
„Сега треба да поминат бирократски процедури, царина, одобрување… Но, најверојатно, иако неофицијално, веќе в петок можеби пациентите ќе бидат повикани за примање на лекот. До крај на недела би требало да стигне на клиника“, изјави Гаспар за МИА.
Претседателот на Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза изјави дека денеска имале средба министерот за здравство Фатмир Меџити и разговарале за идните активности.
Претходно, Владата соопшти дека се обезбедени 2,2 милиони евра од буџетот за набавка на „трикафта“ за најитните пациенти, откако почина Благојче Илиевски, пациент кој две години се бореше да издејствува лекот да биде донесен кај нас.
Добавувачот на лекот има обезбедено количини за најкритичните пациенти и тие доаѓаат согласно динамиката што производителот ја кажува, зашто не се работи за лекови кои ги има на залиха, туку се произведуваат по барање и нарачка за точен број пациенти.
Пред еден месец, Асоцијацијата за цистична фиброза организираше протест пред Владата, револтирани од односот на државата од која со години го бараат лекот „трикафта“ за нивната болест.
„Жално е во 21 век кога има лек за оваа болест да умираат пациентите со цистична фиброза. Многу сме револтирани од предолгото чекање и одлучување дали да се донесе лекот и за колку пациенти. Нема веќе време за чекање“, рече тогаш Ирена Василевска, мајка на дете болно од цистична фиброза.