
Лани во Европа продадени рекорден број топлински пумпи, рекордер е Полска
Минатата година во Европа беа продадени рекорден број топлински пумпи. Три милиони од овие пумпи се замена за четири милијарди кубни метри гас, што значи намалување на емисиите на јаглерод диоксид (ЦО2) за осум милиони тони.
Препорачано
Тоа значи дека годишната емисија на ЦО2 на Стариот континент е намалена за 54 тони, што е еднакво на вкупното количество што се емитува годишно во Грција. Европската асоцијација на производители на топлински пумпи (EHPA) очекува континуиран исклучителен раст на продажбата на овие уреди.
Причината за тоа е декарбонизацијата и престанокот на употребата на фосилните горива во Европската унија. Според генералниот секретар на ЕХПА, Томас Новак, 2022 година беше феноменална година.
„Спектакуларниот раст на продажбата на топлински пумпи е показател дека постои иновативен и одржлив сектор кој прави се за да го зголеми капацитетот и соодветно отвора работни места, помага за зачувување на животната средина и ги намалува сметките за енергија“, посочи тој.
Сепак, Новак, потсети дека многу луѓе немаат топлински пумпи. Тој смета дека има повеќе причини за тоа, меѓу кои се високите трошоци за нивна инсталација и немањето јасни информации, пренесува Кликс.ба.
Кога станува збор за растот на продажбата на топлински пумпи во Европа, минатата година овој раст беше највисок во Полска. Споредено со 2021 година, растот на продажбата бил дури 120 проценти. Како што јави Еуроњуз, во оваа земја е во тек револуција по ова прашање.
Голем број Полјаци користеле јаглен за греење, но оваа енергија поскапе поради намалената дистрибуција на гас. Со зголемувањето на цените на енергијата, топлинските пумпи беа сè поатрактивни, бидејќи за многумина тие значеа намалување на трошоците за греење, и покрај фактот што се скапи за инсталирање.
Чешка има втор најголем раст на продажбата на топлински пумпи – зголемувањето во однос на 2021 година изнесува 99 проценти. По Полска и Чешка следуваат Холандија, Белгија, Шведска, Австрија и Германија.
Најголем број топлински пумпи има во Италија (повеќе од половина милион), а потоа следи Франција. Земјите со најмногу продадени пумпи на 1.000 домаќинства се Финска, Норвешка и Шведска.