
Лани освоивме сребрен медал, годинава прославивме 26 години брак: Искрено со Светлана Црнокрак за љубовта со Мики и манекенската кариера
Светлана Црнкокрак важи за жена со посебна убавина, препознатлива по својата гламурозност и со богата кариера во светот на модата. Меѓу другото, таа е посветена сопруга и мајка на две ќерки, која успешно ги менаџира и деловните и семејните обврски. Во интервјуто за „Слободен печат“ зборува за почетоците на нејзината манекенска кариера, за манекенството некогаш и сега, за бракот со Мики и двете прекрасни ќерки Моника и Нина.
Препорачано
Важиш за една од најубавите жени кај нас. Тешко ли е да се задржи убавината низ годините? Што мислиш за естетските корекции и колку те плаши стареењето како и секоја жена кога се соочува со тој факт?
– За мене не постои неубава жена. Секоја жена е посебно убава на свој начин, чијашто убавина низ годините треба да се негува за да се сочува колку толку. Но, пак ќе кажам, убавината на жената, без разлика на годините, никогаш не исчезнува. Нашите мајки, нашите баби биле природно толку убави, дури и сѐ уште се, без никакви естетски корекции, бидејќи во нивно време немало. Со напредокот на медицината, денес веќе се достапни за секоја жена која би сакала тоа да го направи. Ги почитувам естетските корекции и немам ништо против нив, доколку се потребни и се разбира, во граници на нормалното.
Имаш ли некоја посебна рутина до која се држиш за да го одржиш изгледот?
– Време секогаш достапно за себе. Ако се почитувате самите себе, треба да најдете време за себе. Кога се сака, сѐ се може. Физичка активност, возење велосипед, трчање, пливање, скијање. Здрава храна, многу зеленчук и овошје. Посета на козметички салони, масажи. Козметика соодветнa на годините. Но, најважно од сѐ – позитивен дух, позитивни луѓе и позитивна енергија.
Да те вратам назад… Кога и како почна твојата манекенска кариера?
– Мојата кариера почна на 18 години, кога се пријавив на „Екрановиот“ избор за Мис на Македонија и бев избрана во мојот роден град Гостивар. Тогаш запознав многу луѓе од светот на модата, јавниот живот, а еден од нив е г-динот Марио Липша (кој за жал, веќе не е меѓу нас), кој е доста заслужен за мојата кариера.
Се сеќаваш ли на првата фотосесија, првиот настап на модната писта?
– Секако. Првата фотосесија ја работев со нашиот познат фотограф Зоран – Аварел и мејкап артистот Сергеј Варошлија, направивме прекрасни фотографии во Охрид. А првата ревија ми беше во Кичево, ревија на модели од Виктор Шевињон, навистина бев пресреќна и тоа ми беше мојот прв заработен хонорар.

Како беше да се биде манекенка и модел во тоа време кога македонската мода ги имаше своите почетоци и точно се знаеше кој е кој во вашата професија? Како беше да се биде дел од некогашниот избор на Мис за Македонија?
– Токму како што кажа, време кога точно се знаеше кој е кој во оваа професија. Бевме група манекенки и манекени кои буквално се броевме на прсти и кои и ден-денес луѓето многу добро нѐ паметат. Се почитувавме многу едни со други, си помагавме, бевме вредни, почитувавме правила за работа, едноставно бевме навистина професионалци. А ревии имаше буквално секој викенд, бидејќи и модната индустрија беше доста развиена, во вистинска смисла на зборот, со звучни имиња на дизајнери кои не се забораваат.
Што се однесува до Мис на Македонија и изборите за убавина, можам да кажам дека тоа е нешто друго и е посебно чувство. На Мис на Македонија ја освоив титулата прва придружничка. Прекрасно искуство, дружба со многу девојки од Македонија. Караванот траеше 7 дена низ градовиве во земјата и на крај, финалето беше во Охрид, традиционално. Учествував и на многу интернационални избори. Имам над 20 ленти и 15-тина круни од освоени титули. Тоа е прекрасно искуство, толку многу убавина на едно место, запознаваш луѓе од различни земји, различни култури, јазици, а посебно си горд на себе кога освојуваш титула како амбасадор на македонската убавина.
Колку бевте конкуренција со колешките тогаш и како сега гледаш на младите девојки кои сакаат да се занимаваат со оваа професија?
– Имаше голема конкуренција и тогаш и сега. Бевме убави, млади, згодни, се почитувавме меѓу себе, ривалство не постоеше, но најважно од сѐ, бевме професионални во работата. Иако тогаш немаше модни агенции (тоа беше и една од причините со Мики да отвориме модна агенција) и се снаоѓавме сами во однос на шминка, фризура, чевли, превоз… бевме вистински професионалци, со љубов и ентузијазам работевме и бевме со заслужена титула модел и манекен.
Во денешно време, малку се изместени границите. На младите сега поважна им е титулата. Но, тоа треба вистински да се заслужи. Не е важна само убавината, пред сѐ, најважно е да го сакаш тоа што го работиш, да вложуваш во себе и најпресудно да бидеш професиоиналец во работата.
Која манекенка тебе ти беше идол, кој моден креатор…?
– Мој идол беше Синди Крафорд, а не пропуштав да ги гледам ТВ-модните шоуа на вечерните тоалети на Валентино и Версаче.
Мики во едно интервју раскажа за вашата прва средба, кога требало да те земе со автомобил да одите за Битола. Која е твојата приказна?
– Да. Се запознавме кога дојде да ме земе мене и уште две манекенки и нѐ возеше на ревија во Битола. Јас седев на задното седиште и се ѕиркавме преку ретровизор. Беше многу сериозен и препотентен, а всушност, отпосле дознав дека имал многу трема поради мене. Тоа беше нашата прва средба на која се роди љубов, а потоа речиси на сите идни ревии бевме заедно, па сѐ до денес.

Како почна љубовта и колку години сте во брак?
– Како што кажав претходно, Мики на првите 2 средби „глумеше“ препотентност, а нашата комуникација беше повеќе со погледи, отколку вербална. Бевме на ревија во Штип и на генералната проба дефилиравме и се редевме на писта, па стоевме еден до друг. Во тој момент, јас некако се сопнав и почнав да паѓам наназад и со себе го повлеков и него, мојот спасител (се смее). И така паднавме еден врз друг и мислам дека тука го „скршивме мразот“. Лани освоивме сребрен медал. Годинава, на 11 октомври, прославивме 26 години од брак.
Како ги надминувате недоразбирањата? Поради природата на работата, Мики секогаш е опкружен со жени. Тешко ли е да се остане присебен? Колку, пак, тој е љубоморен?
– На почетокот додека бевме помлади и додека не беа родени децата, поинаку размислувавме и двајцата. За разлика од Мики, јас бев повеќе љубоморна и нормално дека реагирав на некои ситуации, бидејќи сепак, и јас бев присутна на настаните, ревиите, снимањата… Но, со тек на време сфативме дека тоа е дел од нашата работа, од нашата модна агенција, да бидеме опкружени со убави луѓе. Во бракот има некои недоразбирања, но тука обично победуваат компромисот, љубовта, меѓусебното разбирање и почитта.

Неодамна објавивте заеднички фотографии со Моника, на кои неверојатно многу личите. Кога ја гледаш Моника, колку се гледаш себеси на нејзини години? Што наследи Моника од тебе, а што од Мики?
– Моника е гордост мамина. На моменти кога ќе видам нејзина фотографија дури и се збунувам и се запрашувам каде сум сликана. Ме враќа пред 30 години, кога јас почнував со мојата кариера. Навистина сум горда на неа и ми се полни душата кога ја гледам на модна писта, пред фотообјективот, на избори за убавина, бидејќи тоа сум втората јас, т. е. другата во мене. Убаво е чувството кога своето искуство го пренесуваме на помладите, а особено на своите деца. Инаку, Моника би кажала дека ги има повеќе физичките особини наследено од мене, додека карактерните се на Мики, но не сите, сепак има и свој удел во тоа.
Моника е веќе е возрасна девојка, Нина, пак, сѐ уште е мала… Како е да се биде мајка на две ќерки кои имаат голема разлика во годините? Дали си строга?
– Токму така. Моника и Нина се разлика од 13 години и меѓу нив има посебна енергија и поврзаност. Моника е најголемиот идол на Нина. Инаку, времето кога растеше Мони беше многу поразлично од сегашното на Нина. Така што јас сега се наоѓам во некој нов свет, со нови размислувања, нови сфаќања и буквално секој ден учам по нешто ново.
Како мајка сум строга, кога треба да бидам, иако тоа се случува многу ретко. Повеќе сум принципиелна и барам почитување, пред сѐ, кон мене како родител, а потоа и децата кон сами себе како личности, особено тоа што се девојки. Моника веќе е возрасна и веќе ја научи школата дека најдобрата и најискрената другарка и во добро и во лошо сум ѝ јас (тоа што и мене мојата мајка ме научи), така што, ја имаме таа релација, но има ситуации кога треба да се почитуваат правилата на мама. А со Нина сѐ уште учиме, се надоградуваме, сега и пубертет нѐ чека. Но, засега најдобрата и најискрената нејзина другарка е дада Мони, што навистина ме радува. Учи од неа, ја слуша, понекогаш се противи, но главно женскиот свет во семејството сме усогласени и добро функционираме.

Одиш ли често во Гостивар? По што го памтиш твојот роден град?
– Во Гостивар одам многу ретко, освен за некој повод, да се видам со некои од моите другарки или евентуално за некој настан. Инаку, моите родители и моите најблиски се преселени одамна во Скопје. Мојот роден град го паметам по многу убави спомени од детството, од игрите со моите другарчиња, потоа од тинејџерските години, првото излегување, првата љубов… мало преубаво гратче.
Како ја одржуваш линијата? Каква е Светлана во кујна, имаш ли некој омилен рецепт?
– Кога некој ќе ме праша околу оваа тема, секогаш велам дека во мојот живот сум била повеќе гладна отколку сита. Јас откако паметам за себе сум на некои диети, внимавање на исхраната. Но, сега тоа гладување го заменив со здрав начин на исхрана, и нормално физичка активност. Сакам да готвам и го правам тоа почесто, зависно од обврските, понекогаш и со часови знам да „заглавам“ во кујна, а особено кога Нина сака да експериментираме. Инаку, секогаш готвам здрава храна, задолжително секогаш со свежа салата, без прженици и маснoтии. Сите обожаваме морска храна и риба и барем 2 -3 пати неделно е присутна на нашето мени. Мој омилен рецепт е токму подготовка на школки со бело вино и многу лук, гарнирано со динстан ориз.