Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

КЗК веќе не им простува – поведени прекршочни постапки против два трговски синџири

Врз основа на добиените податоци, против две друштва кои се активни на македонскиот пазар преку својата малопродажна мрежа, поведена е прекршочна постапка поради непочитување на одредбите од Законот за нефер трговски практики

Комисијата за заштита на конкуренцијата во рамките на своите овластувања и надлежности, извршила повеќе дејствија во правните субјекти кои се опфатени со Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. И врз основа на прибавените податоци, против две друштва кои имаат своја малопродажна мрежа на територијата на Македонија, поведена е прекршочна постапка поради непочитување на одредбите од Законот, соопштија од КЗК.

-Доколку по завршување на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок, против правните лица и одговорните лица ќе бидат изречени соодветни казни заради сторените прекршоци – велат од оваа институција.

Од почетокот на годинава, почна примената на казните за неправилностите при спроведувањето на Законот за нефер трговски практики кој е во функција, според директива на ЕУ од 28 септември. Процесот до крајот на 2024 година се следеше со мониторинг, сега се на сила паричните казни.

-Мониторингот за примената на законот заврши до Нова Година. До Нова Година се дооформи и Комисијата за конкуренција (КЗК) која го имплементира Законот и во практиката. Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени помеѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде што ќе бидат утврдени неправилности, казните се 20.000 евра – објасни Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.

Со законот се опфатени 2.546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики. Ристески нагласува дека контролата ќе биде строга, но дека за целосна имплементација и значителни ефекти од овој Закон, треба да помине барем една година.

-Комисијата ќе може да влезе во фирмите, да ги проверува договорите по дојава. Сето тоа што ќе биде констатирано како неправилност, ќе биде казнето. Казната е висока, 20.000 евра – објаснува Ристески.

Во меѓувреме сè уште трае истрагата против четирите трговски синџири и една стопанска комора, за кои Комисијата се изјасни дека картелски се здружиле. Увидот кај нив беше извршен поради постоење на сомневање дека овие трговски синџири го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели, односно забранува договори и усогласено однесување на две или повеќе претпријатија, со цел нарушување на конкуренцијата. Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука, односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка.

-При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање. Комисијата за заштита на конкуренцијата интензивно врши контроли кај повеќе правни субјекти кои имаат свој удел во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и ќе преземе најригорозни мерки и санкции на секое нарушување на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволи никакво изигрување на законите на штета на граѓаните – соопштија пред две недели од КЗК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот