
Кузеска: Сите податоци покажуваат дека граѓаните живеат потешко и посиромашно
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска отстро реагира на синоќешната изјава на министерката за финансии Гордана Димитриески-Кочоска која во телевизиско гостување, меѓу другото, рече дека нема магично стапче за решавање на проблемот со инфлацијата.
Препорачано
Реакцијата на СДСМ на прес-конференција ја пренесе портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, која критикувајќи ги наводите на министерката рече дека за само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е доведена во најголема економска несигурност досега, каде цените растат, платите мируваат, а куповната моќ на граѓаните паѓа.
Министерката за финансии Кочоска вели дека Владата ‘немала магично стапче’ за инфлацијата.
Тоа е само изговор. Владата не е таму да се правда додека се луксузира на грбот на народот, туку да преземе мерки“, рече Кузеска.
Како што наведе таа, сите земји во регионот, меѓу кои Србија, Бугарија, Хрватска, имаат навремени мерки и интервенции за цените и инфлацијата, додека во Македонија граѓаните се оставени сами на себе.
Изјавата на министерката дека нема магично стапче за справување со инфлацијата, Кузеска ја оцени како врв на неспособност и значи дека актуелната власт нема ниту план ниту волја да им помогне на граѓаните.
Говорејќи на темата, портпаролката на СДСМ изнесе конкретни бројки и проценти, кои како што кажа, покажуваат дека економската состојба во државата е сериозно влошена.
„Синдикалната минимална кошница е поскапа за речиси 5 000 денари, само за една година. Во исто време, минималната плата порасна за само 1 800 денари, зеленчукот поскапел за 63,3%, а овошјето за 33% само за една година. Инфлацијата е 4,8% и ги јаде примањата на граѓаните, а реалната плата во јуни порасна за само 3,8 отсто“, наведе Кузеска.
Според неа, за решавање на настаната ситуација, не е потребно магично стапче, туку треба Владата и и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат предлозите на СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра, на укинување на ДДВ за храна и покачување на платите во сите сектори.
Таа најави дека СДСМ ќе ја продолжи борбата за повисоки плати и дека повторно ќе поднесе предлог-законските решенија во Собранието, бидејќи, како што додаде, тоа е борба за достоинствен живот.