
Кузеска: Мицкоски вели едно, Христовски вели друго за прислушувањето
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочи дека, ако АНБ не ја декласифицира документацијата, ќе се покаже дека станува збор за уште една предизборна манипулација на власта.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција рече дека изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и на директорот на АНБ, Бојан Христовски, се меѓусебно спротивставени во врска со случајот што власта се обидува да го претстави како афера за прислушување. Таа побара итна декласификација на целата документација поврзана со наводите за незаконско прислушување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго, дека станува збор за прибирање информации за таргетирани лица. Кој овде лаже?“, праша таа.
Не смее, според Кузеска, во јавноста да се пласираат тврдења без прикажување конкретни докази пред граѓаните. Таа нагласи дека случајот мора целосно да биде отворен и достапен за да се утврди дали и кој ја злоупотребил функцијата во безбедносните институции.
„Доколку АНБ тоа не го направи, ќе стане јасно дека се работи за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и за предизборна злоупотреба. Исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со обиди за поткуп од странски компании и низа други измислени приказни што завршија без никакви докази и без разрешница“, рече Кузеска.
Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ го користи безбедносниот апарат за партиски пресметки и за дневнополитички цели, обвинувајќи ја владејачката партија за инфантилно однесување и за популизам со кој се обидува да го пренасочи вниманието од вистинските проблеми на граѓаните.
„Растечкото незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски. Но, граѓаните веќе не им веруваат на овие лажни афери и празни приказни“, рече портпаролката на СДСМ.
Само итна декласификација на целокупната документација за случајот, вели таа, ќе покаже дали станува збор за вистински безбедносен проблем или за уште една евтина манипулација на власта во обид да се покријат сопствените неуспеси.