
Културно-образовен проект „Во чест на Елена Образцова“ ќе се одржи во Скопје
Културно-образовниот проект „Во чест на Елена Образцова“ на 22 и 23 февруари ќе се одржи во Рускиот културен центар во Скопје и во Малата сала на Филхармонија. Проектот е посветен на големата руска пејачка и е од големо образовно, воспитно и просветно значење како за младите, така и за професионалните музичари и љубители на музиката.
Препорачано
Автор на проектот е извршниот директор на Центарот за култура „Елена Образцова“ во Санкт Петербург, Ирина Чернова. Проектот се изведува од Центарот за култура „Елена Образцова“ и Европската асоцијација за интеракција и соработка во областа на образованието, културата и спортот „ОКСА Проекти“, со поддршка на фондот „Руски мир“ и Светската алумни асоцијација.
Елена Васиљевна Образцова е една од најдобрите оперски пејачки на 20 век, која даде огромен придонес во историјата на руската и светската оперска уметност. Како амбасадор на руската музика во светот, Елена Образцова повеќе пати одржуваше концерти во Северна Македонија. Нејзини најзапаметени настапи се оние од 1983 и 1986 година, кога одржа соло концерти во црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Во рамките на проектот „Во чест на Елена Образцова“ Република Северна Македонија ќе се запознае со најдобрите примероци од руската музичка култура и достигнувањата на руската вокална школа. Во проектот ќе бидат вклучени и млади пејачи, студенти на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои ќе го совладуваат мајсторството на изведувањето на рускиот вокален репертоар. Проектот е насочен кон зацврстување на пријателството меѓу словенските држави, ќе придонесе за подобро разбирање на руската музика и блискиот по култура словенски народ.
На 22 февруари, од 11 до 14 часот, во Рускиот културен центар во Скопје ќе се одржи Меѓународна конференција „Влијанието на руската култура врз меѓународните дипломатски односи“. На конференцијата ќе учествуваат дејци од областа на културата и уметноста од Русија, Северна Македонија и Белгија: претставник на Россотрудничество во Република Северна Македонија – Николај Манулик, претседателот на Асоцијацијата „ОКСА Проекти“ – Оксана Жудина-Бого, извршниот директор на Центарот за култура „Елена Образцова“ – Ирина Чернова, прес-аташе на Фондот „А.С. Пушкин“ во Белгија – Јанина Козари, наставник по руски јазик и литература во Република Северна Македонија – Жана Белостоцкаја, директор на Македонската опера и балет – Васко Ристов, Емил Ниами, претставник од Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, диригент на Михајловскиот театар – Игор Томашевски, водечки солист на Македонската опера и балет – Весна Гиновска-Илкова, солистка на Државниот академски ансамбл „Русија“ – Људмила Зикина, советник за култура на претседателот на Светската алумни асоцијација – Наталија Кирилова, претседател на Трговско-индустриската комора во Москва – Маријана Гнездилова.
На конференцијата ќе се разгледуваат прашањата за улогата на руската култура и рускиот јазик во воспоставувањето на дипломатските односи во Република Северна Македонија и другите држави на Европа, за традицијата на руската музика и нејзината улога во настанувањето на македонската академска музичка култура, за дипломатската мисија на руските културни дејци и многу други.
По завршувањето на конференцијата ќе се одржи видео приказ на филмот „Елена Образцова. Животот на сцена“, создаден со поддршка на Меѓународниот хуманитарен фонд „Константиновски“ (Санкт Петербург). Филмот содржи фрагменти, записи од најзначајните изведби на оперската дива на оперските и концертните сцени, кои се од историско значење за творештвото на големата пејачка и кои оставија голема трага во историјата на вокалната уметност: во улога на Улрика во операта „Бал под маски“ од Верди (1978), во улога на Ебола во операта „Дон Карлос“ од Верди (1978), во улога на Сантуца во операта „Селска чест“ (во соработка со Пласидо Доминго, 1981), во улога на Кармен во операта „Кармен“ од Бизе (1986), а исто така, во улога на Марина Мнишек во операта „Борис Годунов“ од Мусоргски, со која ја започна кариерата на примадона на оперската сцена во Бољшој театар (17 декември 1963 година).
На истиот ден, на 22 февруари, од 14 до 20 часот, во Малата сала на националната Филхармонија на Република Северна Македонија ќе се одржат работилници од специјалистите на руската вокална школа за студентите од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Часовите со студентите ќе ги одржат лауреатот на меѓународни натпревари, диригентот на Михајловскиот театар, Игор Томашевски (тема на работилницата „Оперска класа. Музиката на големите руски композитори. А.П. Бородин, Н.А. Римски-Корсаков, П.И. Чајковски, С.В. Рахманинов“) и солистките на Државниот академски ансамбл „Русија“, Људмила Зикина, Наталија Кирилова (тема на работилницата: „Камерна музика. Изворите на руската музика – битова и класична романса“).
На 23 февруари, во 19 часот, во Малата сала на националната Филхармонија ќе се одржи презентација на изложба со фотографии „Животот на Образцова“ и концерт на руската музика „Во чест на Елена Образцова“. Изложбата, подготвена со поддршка на Фондот за историски фотографии „К.К. Була“, содржи фотографии од архивата на Центарот за култура „Елена Образцова“, најважните моменти од животот на големата пејачка и ретроспектива на различните етапи од нејзиниот живот и творештво од детството до сценските образи, создадени од оперската дива во различни години од нејзиниот живот.
На концертот на руската музика „Во чест на Елена Образцова“ ќе бидат изведени вокални и инструментални дела од М.И. Глинка, А.П. Бородин, С.В. Рахманинов, П.И. Чајковски и други руски композитори. На концертот ќе учествуваат македонските изведувачи сопранот Весна Гиновска-Илкова, пејачката и флејтистка Билјана Камчева, пијанистот Милан Дучевски, а исто така и претставниците на руската вокална уметност: сопранот Наталија Кирилова, сопранот Алиса Медведева, пијанистот Антон Самсонов, фортепијано Ирина Чернова.