
„Културно лето 2025“ во Ѓорче Петров со богата програма за осмосептемврискиот викенд
По одличната естрадно-забавна програма за време на минатиот продолжен викенд, годинешното Културно лето 2025 во општина Ѓорче Петров продолжува и за претстојниот претпразничен осмосептемвриски викенд. Овој пат програмата не само што ќе биде уште побогата и поразновидна, туку и распоредена во повеќе денови.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Четврток, 4 септември, е замислен како „Ден за најмалите“, со содржини што најмногу ги сакаат децата. Од 18 часот во централниот парк во Ѓорче тие ќе се радуваат, веселат и пеат со изведбите на своите врсници на песните од популарниот детски фестивал „Поточиња“.
Веднаш потоа, од 19 часот, на истата локација програмата продолжува со магијата и жонглерските атракции на артистите од Фестивалот на уличен театар „Баскер фест“.
Во петок, на 5 септември, од 18 часот започнува „Базарот во паркот во Ѓорче“, на кој ќе бидат изложени бројни ракотворби и домашни производи. Паралелно ќе се одвива и музичка програма: со свои кавер-изведби ќе настапи групата „Бекдор бенд“, ќе следува шпанска музика од „Инфјужн спениш“ и сет на диџеј Карлито.
Во сабота, 6 септември, базарот во Ѓорче продолжува од 14 часот, а за музичката програма ќе бидат задолжени македонски етно-бенд, шоумените на лимени инструменти „Брас брадерс“, диџеј Зеро гравити, а за крајот на вечерта – забава со изведба на традиционална шпанска фламенко музика.
Недела, 7 септември, е резервирана за „Звуците на традицијата во Ѓорче“. Денот, наменет за сите генерации, ќе понуди богата и разновидна културно-уметничка програма „Во духот на традицијата“, организирана од Здружението „Палиум“.
Од 18 часот започнува настанот „Зелникот на баба“, каде највозрасните жени заедно со најмладите девојчиња ќе месат зелник. За најмладите ќе се погрижи уличниот забавувач Кристијан Бенито, а Драгица Славеска ќе чита лични творби.
Во естрадно-музичкиот дел ќе настапат познати и реномирани фолк-изведувачи: Дарко Билбиловски, Милица Кузмановска и Душко Ѓеорѓиевски.
По кршењето и делењето на зелникот, вечерта ќе заврши со изведби на членовите на три културно-уметнички друштва: КУД „Јонче Христовски“, КУД „Лилјан“ и ЖКУД „Владо Тасевски“.