Фото: Приватна архива

Кујнското катче на Ана Крстаноска: Чоколадна „салама“

Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).

Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.

– Спремањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им готвам нешто вкусно на моето семејство и на моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.

Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за чоколадна „салама“.

– Оваа вкусна и брза „салама“ е многу популарна во прекрасната Италија. Направенa со највкусни состојки и без печење, дефинитивно ќе ви стане омилен предизвик за подготовка посебно овој период од годината – вели Крстаноска.

Потребни состојки:

  • 200 грaма црно чоколадо
  • 90 грама несолен путер
  • 70 грама шеќер
  • 1 јајце + 1 жолчка
  • 180 г бисквити по избор
  • 1 мала лажичка ванила арома
  • 200 г јаткасти плодови по избор

Подготовка:

Растопете ги чоколадото и путерот на пареа. Во друг сад измешајте ги јајцето, жолчката, ванилата и шеќерот. Потоа додајте ги во чоколадото и мешајте додека не се стопи шеќерот, околу 4-5 минути, на средна температура.

Тргате настрана и ги додавате кршените бисквити и јаткастите плодови, исто ситно исечкани. Мешате со лажица за сето тоа да се спои. Оставате да се излади.

Од оваа смеса излегуваат два ролати помали или еден поголем. Јас направив два бидејќи ми беше попрактично за виткање.

На хартија за печење ставате половина од смесата на долниот дел хоризонтално врз хартијата. Со помош на хартијата виткате како ролат, измазнувате од горе и го врзувате од страните како поклонче. Истата постапка ја повторувате со останатата смеса.

Готовата „салама“ ја оставате преку ноќ во фрижидер или евентуално 5/6 часа преку ден ако ви се брза.

Потоа ја одвиткувате. Ја посипувате/мачкате убаво со шеќер во прав од сите страни и сечете на мали парчиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот