
Кујната во „Ѓорѓија Пулевски“ повторно отворена, родителите загрижени да не се случи ново труење со храна
Од денеска повторно е отворена кујната во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром која беше затворена откако околу 140 ученици пред десетина дена се пожалија на стомачни тегоби. Причина за труењето на децата било присуство на бактеријата Стафилококус ауреус и ентеротоксин во бомбици кои биле послужени на учениците.
Препорачано
Загрижени родители за Слободен печат велат дека никој од нив досега не ги има видено резултатите од повторените анализи, дури ни претставникот на одделението во советот на родители, но училиштето решава дека од денеска кујната да биде повторно отворена, со убедувања дека одсега контролите ќе бидат построги.
Меѓу родителите била спроведена и анкета дали да се продолжи договорот со истата кујна, без воопшто да се земе во предвид да се распише нов тендер, по што повеќето родители се изјасниле позитивно.
Родителите се жалат дека концесионерот на кујната во „Ѓорѓија Пулевски“ им забранува на децата кои носат јадење од дома да јадат во мензата.
„Концесионерот досега не сноси никаква одговорност во однос на труењето на еден куп деца, си продолжува со работа без никакви последици по нив (во нормална земја веднаш би се раскинал договорот и би се барало соодветна замена во најмала рака), и згора на се,’ не’ известуваат дека децата кои ќе носат храна приготвена од дома нема да можат да ја користат мензата која е предвидена за јадење., туку најверојанто тоа ќе треба да го прават на училишните клупи каде ги ставаат книгите и тетратките, а понекогаш веројатно и нешто повалкано. Со тоа, дечињата се дискриминирани, им се скратува правото на социјализација за време на оброците и јадење во чиста и хигиенска просторија. Одеднаш дечињата се приморани да се одвојат од другарчињата во тој период, нешто што до вчера не беше случај. Излегува дека децата што веќе нема ја конзумираат храната од училишната кујна, а тоа е поради страв да не повтори истата ситуација, (а не дека без причина се раскинува договорот), се казнети и не им се дозволува ист третман како останатите дечиња кои ќе се хранат во кујната“, се жалат родителите.