Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Кучето е најдобриот пријател на човекот

Каде е одговорноста на некој граѓанин кој чувал куче дома и после, поради икс причини го пуштил слободно да талка, бидејќи веќе не можел да го чува или не сакал, сеедно? Тој смета дека тоа е нормално? Каде е улогата на локалните самоуправи што имаат или треба да имаат законски надлежности за кастрација, уловување и стационирање на кучињата, освен тајно во ноќните часови, како што се шпекулира во јавноста, да си ги пренесуваат од една во друга општина, како „отпад“ од кој сакаат да се ослободат?! И каде е улогата на невладините организации?

Не дека не е голем проблем со кој се соочуваат безмалку сите македонски општини, но неверојатно е како на Фејсбук и на другите социјални мрежи се поделивме и околу најновите „случувања“ со каснувања од улични кучиња врз граѓани во Струга и како да се реши овој проблем: дали „лудаците“ да ја земат „правдата“, односно пушката во свои раце и да ги испоубијат сите улични кучиња или пак да не смее „влакно“ да му фали на ниту едно кутро куче-скитник што агресивно и крволочно напаѓа граѓани, најстрашно и мали беспомошни деца.

И, како по навика, имаме граѓани што хистеризираат дека не смее ништо да им се прави на кучињата, дека и тие се души и дека треба да им се пружи љубов, институционална заштита и грижа, до такви што ладнокрвно го оправдуваат грозоморниот чин на струшкиот граѓанин кој во еден ден потепа седум кучиња, пуштајќи се буквално во „лов на џукели“ низ градот.

Веднаш да сме на јасно: не чувам куче, но гледајќи забавни и интересни видеа од нив, кои ми излегуваат на ФБ, сметам и се повеќе сум убеден дека се најдобродушните, најлојалните и најискрените суштества на планетава, кои сакаат безусловно. Ние луѓето, особено ние Македонците можеме само да учиме од нив за овие универзални вредности. Затоа и не ме чуди што огромен број македонски граѓани имаат домашен миленик куче, кон кое се приврзани со полна љубов и го сметаат во вистинска смисла на зборот за рамноправен член на семејството. И дури од другите луѓе, кои немаат такви емоции за кучиња или мачки се сметани за „чудаци или шлакнати“. Сепак, веднаш да потенцирам дека го разбирам и гневот на останатиот дел од граѓаните, кои не можат слободно да шетаат по улиците плашејќи се за својата безбедност или уште пострашно за безбедноста на своите најмали-најмили деца, кои никако не ќе може да се одбранат доколку бидат нападнати од разбеснета глутница на кучиња.

Ни на едни кучиња не може „да им го најдеме крајот“

Каде е, сепак, проблемот? Па, се разбира, како и секогаш – во нас. Не е едноставен или, пак, е премногу едноставен да не бевме класични Македонци, односно да не се однесувавме класично македонски како и за сите (пре)останати проблеми со кои се соочуваме како општество. Да тргнеме по ред: каде е одговорноста на некој граѓанин кој чувал куче дома и после, поради икс причини го пуштил слободно да талка, бидејќи веќе не можел да го чува или не сакал, сеедно? Тој смета дека тоа е нормално? Каде е улогата на локалните самоуправи кои имаат или треба да имаат законски надлежности за кастрација, уловување и стационирање на кучињата, освен тајно во ноќните часови, како што се шпекулира во јавноста, да си ги пренесуваат од една во друга општина, како „отпад“ од кој сакаат да се  ослободат?! И каде е улогата на невладините организации, како една најпозната и најгласна во јавноста, токму по ова прашање, која хистеризирано вреска и соопштува кога станува збор да се одбранат „правата на кучињата или животните“, ама ништо поконкретно не прави за средување на ужасните состојби токму и за овој горлив, децениски (не)решлив проблем, кој ете се актуализираше наново по последните настани во Струга?!

Освен што знаат да трупаат пари од странски фондации, финансирани дебело, па мора некако да ги „оправдаат“. Да не се разбереме погрешно, ни во лудило не ја оправдувам постапката на манијакалниот кој смртно ги стрелаше кучињата и треба кривично да одговара според одредбите од Кривичниот законик, прво зашто на тој начин влегуваме во институционален распад, анархија, па утре ден може на некој ќе му текне да убива и луѓе по улиците, зашто така смета или го нервирале, но од друга страна, проблемот е толку секојдневен, сериозен и ризикува да прерасне во целосна трагедија, кога не дај боже глутница скитнички кучиња може да искасаат и искасапат до смрт кој било човек, или најстрашно, мало дете.

Што ќе правиме тогаш? Хистеризирано, како лудаци ќе врескаме по социјалните мрежи, ќе се поделиме на два табори и ќе ја бараме меѓусебно вината, односно ќе ја префрламе постојано одговорноста?! Бидејќи и друго не знаеме, односно реагираме кога ќе ни дојде нож до коска, без претходно да ги превенираме, односно да ги спречиме евентуалните такви последици. Исто како што правиме со енормната загаденост на воздухот.

Доволен е примерот на изгризениот до смрт, новинар во Србија кој не успеал, за жал, да се спаси, како што жена му која го бранела, се спасила со видливи повреди по напад од селски кучиња во некое село, на овој брачен пар, кај северниот сосед. Кој ќе ја сноси вината, кој ќе ја преземе одговорноста за ваков  трагичен, грозоморен и бизарен крај на еден човечки живот? Вучиќ? Градоначалникот на општината?! Кој?! За да не се доведеме и ние до слична ситуација, а по се изгледа и натаму одиме, треба прво да ги смириме страстите и од ФБ „дискусијата“ да се префрлиме на институционално, оперативно и граѓанско делување. И наоѓање трајно, ефикасно и ефективно решение на проблемот. Бидејќи не се само во прашање физичките повреди и загризаници, кои со текот на времето ќе зараснат и ќе ги (с)нема. Траумите, стравот, паничните напади кога потоа ќе видите чопор кучиња ќе останат како трајни неизлечливи последици. Кои се многу пострашни за  психофизичкото здравје и состојба потоа за цел живот на каснатите и истрауматизирани  граѓани.

Мораме да дојдеме до институционално решение!

Сепак, велат дека односот од  едно општество кон кучињата и воопшто кон животните или природата го чини степенот на културолошкиот развој на истото. На пример, Јапонците му изградија споменик во природна големина на Хачико, кучето по кое се снимаше култниот филм за лојалноста и преданоста на едно куче кон својот стопан. И е светска туристичка атракција, денес, во една Јапонија дури. Гледаме примери во една Турција, замислете, и Италија, како во ладните зимски денови им се отвораат вратите на дуќаните (и тоа брендирани и скапи), за да може уличните кучиња да влезат во ходникот, да преспијат и да се стоплат. Доколку ги храните, ви гарантирам дека тие нема ни под разно да возвратат со агресија и напад, напротив со љубов и радост.

Ние пак ги тепаме, бркаме, труеме. Тие гладни, жедни, исплашени, премрзнати, лутаат низ улиците, скитајќи како најголеми грешници на овој свет. И нормално е да развијат инстинкт на крволочност. Да им подариме грижа и љубов, тие десетпати повеќе ќе ни ја (воз)вратат. Проверено е тоа, од милиони примери низ историјата на овој намачен свет и век!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот