Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кривичен најавува оценка на обвинението за Кочани до крајот на неделава

По повикот на родителите и на роднините на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани кои најавија блокади доколку нема одговор за оценка на обвинението и за постапката што се води против полицајците, Кривичниот суд во соопштение до јавноста најавува дека обвинителниот акт се очекува да биде оценет до крајот на неделава, кога истекуваат сите законски рокови за прием и достава на приговор.

-Со оглед да во овој момент, сите обвинети и нивни бранители го имаат примено обвинителниот акт, и на 03.10.2025 година истекуваат сите Законски рокови за прием и достава на приговор, со што се исполнуваат сите услови за оцена, се очекува актот до крајот на неделата да биде оценет, за што јавноста и странките ќе бидат навремено известени – се вели во соопштението.

Во соопштението се потенцира дека се работи за предмет со 37 обвинети и дека иако судот ги ангажирал сите расположливи ресурси за достава на актот до странките, доставата не можела да се реализира зашто дел од адвокатите не биле во своите канцеларии.

-Потребно е да се напомене дека се работи за предмет со 37 обвинети правни и физички лица застапувани од 33 бранители и претставници на правните лица. Од приемот на обвинителниот акт, судот ги има ангажирано сите расположливи ресурси за достава на актот до странките, прием на сите приговори и нивно процесирање до Јавниот обвинител. За жал, во текот на изминатите неколку месеци, доставата кај дел од адвокатите и претставниците на правните лица не можеше да се реализира навреме, односно и покрај најавите од судот дека актот ќе им биде доставен директно во нивните канцеларии заради поголема ефикасност во постапувањето, истите беа отсутни. Заради тоа доставата, а со тоа и роковите за приговор, непотребно се одолговлекуваа – велат од Кривичен.

Дел од родителите на загинатите во пожар во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март годинава, упатија остар повик до јавните обвинители и до судиите од кои побараа итни и јасни одговори за напредокот на постапките и најавија дека доколку до 3 октомври не добијат конкретен одговор, мирните маршеви ќе прекинат и ќе следуваат протести и блокади.

-Обвинители и судии, ние, семејствата на жртвите од трагедијата во ‘Пулс’, бараме итен и јасен одговор од вас. Доста е со молчење, поминаа шест месеци. Срамота е – рече мајка на едно од загинатите деца. Родителите појаснуваат дека до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) веќе доставиле прашања и очекуваат информации за тоа до каде е постапката против вработените во МВР и кога ќе се подготви обвинителниот акт. На судиите од Кривичниот суд им упатија прашање дали ќе донесат оценка на обвинителниот акт или ќе се повлечат пред политички влијанија.

ВИДЕО | ИРЛ: Братот на претседателката на Кривичниот суд е инспектор на УЈП од Кочани кој куртулил од обвинение за „Пулс“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот