Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Кривичен го одобри во целост обвинението за Кочани – шест судии се изземале

По повеќе од шест месеци од трагедијата и три месеци од поднесувањето на обвинението, Кривичниот суд соопшти дека денеска го одобрило во целост обвинителниот акт за пожарот што се случи во кочанската дискотека во кој загинаа 62 – ца млади луѓе и над 200 беа повредени.

Од соопштението на Кривичниот суд кој хронолошки го објаснува текот на постапувањето откако Врховен одлучи на обвинетите да им се суди во Скопје, може да се заклучи дека Судот имал потешкотии со доставата на обвинението, големиот број на обвинети, 37 обвинети и 33 бранители, но и со изземање на судии кои биле во роднинска врска со одбраната или со жртвите.

Кочанскиот суд го доставил обвинителниот акт на 2 јули, а на 8 јули доставил дополнение на обвинението. Во соопштението до јавноста, кривичниот суд хронолошки го наведува
Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по обвинението К-ООА бр.155/25, поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по исполнување на сите законски предвидени услови, донесе Решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост.

– Веднаш по приемот на обвинителниот акт истиот е распределен во Одделението за кривично полнолетни. Со оглед дека станува збор за обвинителен акт кој согласно законските одредби треба да биде оценет од совет, актот преку АКМИС системот се распредели кај судијата Моника Бахчовановска, која постапува како Претседател на советот за оценка на обвинителен акт.

Согласно Годишниот распоред во совет за оценка заедно со судијата Моника Бахчовановска, се судиите Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска. Овие две судијки побараа изземање од советот за оценка, бидејќи ќерката на судијата Билјана Коцевска – адвокат Ивана Коцевска е бранител на дел од осомничените, а судијата Бранка Наумовска е во роднинска врска со една од жртвите, причини што се предвидени во законот како основ за изземање.

По изземањето на овие две судии, како судии кои што ќе постапуваат во фазата на оценка поставени се двајца судии од Специјализираното одделение за судење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција и тоа судијата Софче Гаврилова Ефремов и судијата Илија Трпков.

Нивното определување е на начин како што актите од одделението за организиран криминал и корупција ги оценуваат судии од одделот за кривично полнолетни (а ова е од причина што судиите кои што го оценувале актот не можат да учествуваат во постапка на главна расправа, а се со цел да не се доведе Основниот кривичен суд Скопје како најголем суд во државата да нема судии кои што ќе постапуваат по овој предмет). Двата члена на советот за оценка се поставени по редослед според годишниот распоред, како што и е предвидено во Судскиот деловник – објаснуваат од Судот.

Од Кривичен објаснуваат дека имале проблеми со доставата, во диспозитивот не биле целосно наведени личните податоци на обвинетите, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд.

По одобрувањето на обвинението оформен е предмет, предметот е распределен, но судијата ќе биде познат од понеделник. Експертската јавност го критикуваше обвинението во кое се гонат сите обвинети за исто кривично дело, односно дека се директно поврзани со трагедијата.

Жедта за крв на разјарената толпа не е правично судење за Кочани – анализа на Коалицијата „Сите за правично судење“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот