Тикток апликација/Фото: Worawee Meepian / Alamy / Alamy / Profimedia

Критики до албанската влада поради забраната на Тикток

По одлуката на албанската влада да ја забрани на една година апликацијата Тикток, се отворија дебати во јавноста колку одлуката на премиерот Еди Рама е исправна или не.

„Може да има 1000 причини за да се остави отворена или затворена апликацијата Тикток, како и другите социјални мрежи Инстаграм, Икс (Твитер) или Фејсбук. Забраната е поради реакциите во јавноста, главно од родителите. Но, во Албанија постои закон и постојат стандарди на АКЕП, мобилните компании или компаниите што продаваат мобилни телефони да не продаваат нерегистрирани мобилни телефони. Регистрираните мобилни телефони ја имаат функцијата кога корисникот е регистриран, се поставува возраста на корисникот и потоа се поставува и забрана, односно на тој телефон не смее да се отвора Тикток. Ова е процес со кој треба да се справи Владата. Владата може да постави и антибранови бариери во училиштата“, рече Блерим Ѓелдани, албански експерт за дигитален маркетинг во емисија на Ора њуз.

Томи Каланџи, ИТ експерт, рече дека е невозможно да се блокира апликацијата. Експертот истакна дека можноста да не се постигне затворање на „Тикток“ е над 97 отсто, додека одлуката на албанскиот премиер ја смета за шоу.

Следно, Каланџи ги покажа некои од начините на кои граѓаните можат да пристапат до оваа платформа.

Тој рече дека може да се купи ISIM-картичка што дава можност да се користат неалбански комуникациски компании, односно се користи IP-адреса од компании кои не се од Албанија.

„Една од новите технологии е Starlink, компанијата на Илон Маск, од која може да ја добиете сателитски интернет, па затоа е тешко да се следи“, рече Каланџи.

Тој рече дека можеби премиерот Еди Рама ќе создаде алиби, бидејќи и во САД на Тикток му е дадено време да ги продаде акциите.

Експертот додаде дека ниту една од државите не излегла со одлука за затворање, додека во Австралија користењето на Тикток е ограничено на возраст од 16 години.

Тој го повика премиерот на Албанија да ја повлече одлуката, и да се обиде да го искористи австралискиот начин за ограничување на возраста.

Првата забрана од ваков вид во Европа

Албанскиот премиер Еди Рама во четвртокот потврди дека апликацијата за споделување видео ќе биде забранета од јануари како дел од планот да се направат училиштата побезбедни.

„Една година целосно ќе го затвориме за сите. Нема да има Тикток во Албанија“, изјави Рама по средбата со групите родители и наставници.

Забраната – прва од ваков вид во Европа – беше поттикната од смртта на 14-годишен ученик кој беше убиен од друг ученик во средината на ноември.

Се претпоставува дека двајцата тинејџери се степале на крајот од часот, по расправија на социјалните мрежи.

„14-годишното момче било прободено со нож во срцето и починало еден час подоцна во болница“, јавија медиумите.

Настанот беше снимен и објавен на интернет од неколку корисници на Тикток.

Истрагата за убиството е во тек.

Реакција на Тикток

„Тикток“ соопшти дека бара „итно разјаснување“ од албанската влада, откако нашла дека „нема докази дека сторителот или жртвата“ се регистрирале на апликацијата.

„Повеќе извештаи всушност потврдија дека видеата што довеле до овој инцидент биле објавени на друга платформа, а не на Тикток“, рече портпаролот на компанијата.

Ина Жупа, од Демократската партија, рече дека „диктаторската одлука за затворање на апликацијата Тикток… е сериозен чин против слободата на говорот и демократијата“.

„Тоа е чист изборен чин и злоупотреба на власта за потиснување на слободите“, додаде таа.

Тикток е веќе забранет во неколку земји низ светот, вклучително и Индија – каде што беше забранет во 2020 година – Иран, Непал, Авганистан и Сомалија.

Австралија неодамна го усвои најстрогиот закон за социјални медиуми во светот, со кој им се забранува на децата под 16 години да користат каква било таква платформа, додека во Франција на децата не им е дозволено да користат социјални медиуми до 15-годишна возраст, освен ако имаат дозвола од родителите.

САД ќе го забранат Тикток ако не го продаде БајтДенс (ByteDance), нејзината кинеска матична компанија, до 19 јануари.

Конгресот рече дека апликацијата е поврзана со кинеската држава, нешто што и Тикток и БајтДенс го негираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот