Скопје, 8 март 2021 / Фото: Михаило Донев - Слободен Печат

Крик на жените во Македонија: Нашите сила и вредност не зависат од тоа дали имаме партнер или сопруг

Рената Костовска од Скопје е успешна жена која работи во едно од министерствата. Покрај тоа што е професионално остварена и се грижи за своето дете таа е и општествено и политички ангажирана на каузата за самохраните родители.

Нејзината животна приказна вели дека е многу интензивна, како за некој со десет животи, но и полна со болни загуби затоа што во само три години ги изгубила сопругот и родителите.

Но, поради погрешните толкувања на нејзиниот идентитет, дека таа е жена „без сопруг“, таа морала да скрши премногу железни бариери и да дојде до слободата на заслужената почит. За почитта која би требало да ѝ следува, таа морала да се бори. Рената смета дека жената што не е во брак или нема партнер, доживува предизвици во македонското општество за својот дигнитет, а тоа го почувствувала и на своја кожа.

-Од мое лично искуство, ќе наведам мал дел од непријатностите со кои се имам соочено. Во многу случаи, тоа е така суптилно од страна на спротивниот пол, што искрено сум дошла во ситуација да се запрашам дали можеби јас грешам некаде. Во повеќе наврати доживеав да ме гледаат како „лесен плен“ што не е пријатно да се доживее. Напротив, создава лутина, бес и самокритика. Првата година, веднаш по загубата на сопругот, не ретко ми се нудеа најразлични понуди за „помош“ па во една прилика, кога бев на работ на егзистенцијата, еден маж ми понуди парична помош притоа јасно нагласувајќи дека со мене би сакал да помине извесно време. Од тоа ми се преврте утробата. Со кое право и со кој памет, некои луѓе си земаат за право да си поигруваат со човечки судбини?, прашува Костовска.

Скопје/ Фото: Михаило Донев – Слободен Печат

Сега се бори за менување на свеста на општеството што ги етикетира, дискриминира и честопати ги оневозможува жените што се без сопруг или партнер. Неколку жени со кои разговаравме а кои се со ваков  статус на „слободни“, сметаат дека брачниот статус понекогаш оневозможувал да бидат третирани достоинствено. Многупати биле доведувани до тоа да се чувствуваат како „нешто да му недостасува на нивниот оригинален и целосен идентитет“. Дополнително Костовска забележува дека постои психологија во која жената без партнер или сопруг е доживувана како „незаштитена“ и „немоќна“ и дека таа перцепција претежно кон неа ја имаат мажите.

На секој во животот може да му се случат различни ситуации, па токму затоа за Рената е несфатливо тоа што немањето партнер или сопруг, се доживува како „недостаток“ или „слабост“. Дополнително, таа смета дека е голема грешка и неприлика да се злоупотребува позицијата на самохраните мајки, во смисла на тоа да се доведуваат во ситуација да молат или да бидат уценувани за „противуслуги“.

-Кон овие жени, без оглед на тоа дали се мајки или не, најнапред пристапете со почит. Ако имате добра намера тогаш јасно, гласно и веднаш делувајте. Не би требало самохраните мајки да бидат приморувани да ја покажуваат својата болка и немоќ. Подајте им рака, било за помош, било за рамо за плачење. Добро знам што зборувам, во однос на тоа како општеството гледа на нив, а и институциите, вели Рената.

Жена и месечина
Силуета на жена и Месечината / Фото: Pexels

По смртта на сопругот, пријателите имаа критики за начинот на кој им изгледаше мојата жалост

 

Запрашана на што мисли кога вели дека општеството и институциите понекогаш свесно или несвесно ги изложуваат жените без партнер на неприлики, Костовска објаснува:

-Во најтешките моменти велат, да не се затвораме во себе и да не се казнуваме со осаменост. Но јас, не така ретко по смртта на сопругот, слушав критики и навреди од луѓето дека сум „неморална“ и „дека не ми е гајле“. Кога бев на дното, ми се јави пријателка со која сме поминале многу заеднички семејни моменти во животот додека бев во брак, да ме искритикува „како сум можела така дотерана да се сликам и да објавам моја слика на социјалните мрежи“, укажувајќи ми дека тој што починал не го заслужил тоа. Таа жена не е свесна дека секој ваков збор зададен на таков, низок начин, може да го промени животниот тек на една личност, а особено на самохрана мајка која се труди да исплива од тагата, да опстои на нозе исправена во сите искушенија кои ѝ ги донел животот, објаснува Костовска.

Таа слободно констатира дека за жените што се сингл, или пак се разведени или пак се вдовици, во сите сегменти има пропусти, па дури и во работната средина.

-Во мојот случај, наеднаш некои колеги и колешки што сум ги познавала, одеднаш се оддалечија, станаа порезервирани. Тоа беше ситуација во која им требаше време да сфатат дека јас сум истата личност, се присеќава таа во сведоштво за „Слободен печат“.

Честопати во „пакет“ со стереотипите за жената која е без партнер, доаѓаат и стереотипите за неа како родител, што оневозможува животен просперитет. Рената е уверена дека самохраните семејства се маргинализирана категорија граѓани во македонското општество, за кои е нужно да се направат измени на семејното законодавство.

Но, прво мора да се почне од нула, затоа што еднородителското семејство не е ни дефинирано во Законот за семејство, вели таа.

Во Собранието се формираше група која ќе се залага за еднородителските семејства и самохраните родители

 

Во февруари годинава во Собранието се формираше интерпарламентарна група која ќе се залага за правата на еднородителските семејства и самохраните родители. Поддршка за формирањето дадоа педесетина пратеници потписници на барањето. Кога ќе се склопи новиот парламентарен состав, таа група ќе треба да работи на дефинирање на терминот ,,еднородителско семејство“. Многу мајки и татковци, велат дека овие семејства постојат насекаде, а не се препознаени во Закон.

Дороти Пачкова од Здружението „Една може“ кога се формираше оваа група во Собранието, рече дека тоа е историски настан, што ќе отвори нов прозорец кон светот по машка, но и женска мера, односно дека ќе се овозможи законите во земјава да бидат во служба на граѓанките.

Дороти Пачкова / Утрински брифинг
Дороти Пачкова / Утрински брифинг

Пачкова како магистер по родови науки со фокус на унапредување на маргинализираните девојки и жени го посвети овој настан на сите самохрани мајки, кои изминаа трнлив пат со гласно говорење во градењето општество во кое секоја жена има можност да се развива.

Силата на една нација лежи во зајакнување на сите нејзини граѓанки, рече Пачкова.

Непостоењето на адекватна дефиниција за самохран родител е основен проблем за овие семејства да бидат обесправени и да бидат во сивата зона на општеството.

Работите не се дорегулирани и тоа прави основен проблем за остварување на нивните права и поддршката што треба да ја добијат.

Со поставување на јасна дефиниција на самохран родител во Закон ќе призлезат и права за оваа категорија на граѓани кои сега ја нема. Кога зборуваме за еднородителско семејство, се некако се поврзува со материјаната поддршка како основа за побезбедно живеење. Но, овие семејства имаат потреба и од друг вид на поддршка што во пракса многу полесно може да се препознае. На пример ни треба Центар за социјално-психолошка поддршка со посебно обучен кадар, особено за децата, објаснува Костовска.

Запрашана како таа инспирирана од своето искуство би ги променила законите, за еднородителските семејства да живеат подобро, таа истакнува дека би вовела постојан паричен надомест, мајката и детето би имале бесплатно здравство, детето би имало право да студира бесплатно, малите деца би оделе во градинка бесплатно, ако мајката нема живеалиште би требало да ѝ се обезбеди, невработените самохрани родители би требало да се приоритет при вработувањето и во државниот и во приватниот сектор, а државата би можела да им помогне и со преквалификација односно да посетуваат обуки за да променат професија полесно.

– Овие теми се недовршена тема. Во последно време понекогаш ќе се споменат самохраните родители како ранлива категорија на граѓани, кои добиле помош од државата со антикризните мерки кои ги донесе владата во ковид кризата. Но, оваа помош е времена. За оваа категорија граѓанки и граѓани, веќе е дојдено времето да станат важна категорија зашто потребен ни е достоинствен живот постојано, а не само неколку месеци во годината, вели Рената.

Александра Каранфиловска: Ме болеше само тоа што ме етикетираа како „не-мајка“!

 

Александра Каранфиловска од Скопје пак, вели дека после разводот и неколку страшни животни трагедии меѓу кои смртта на нејзината ќерка Стефи, самата себе се доживува како „десет мажи“, илустрирајќи со тие зборови дека се чувствува силно.

Брачниот статус на разведена, смета дека нема одиграно толку голема улога во тоа да биде етикетирана од општеството. Но, кај неа нешто друго одиграло улога на меч со две острици: нејзината физичка убавина и изглед.

Според физичкиот изглед, истакнува Каранфиловска, луѓето што ја познаваат и не ја познаваат си дозволуваат да судат и за нејзината душа и за нејзиниот карактер па дури и за тоа каква мајка е таа.

Таа за „Слободен печат“ вели дека во македонското општество има бројни стереотипи за тоа како „треба да изгледа“ жена која го загубила своето дете, односно општеството очекува таа да „пропадне“ и било каков привид дека таа продолжува да живее секојдневно, се толкува малициозно.

-Мојот изглед беше причината поради која откако го загубив моето дете, ме судеа дека сум била „не-мајка“. Добивав одвратни коментари на социјалните мрежи, зашто сум носела шминка на пример. Во миговите кога преживував пекол, не ја исполнував нормата за тоа како надворешно треба да изгледа една мајка која е во жалост. Но, и претходно беше така. Според изгледот мене ми судеа и претходно дека сум „не-мајка“. И покрај тоа што дома ги извршувам сите обврски како и секоја друга жена. За мене чистењето и готвењето е нешто задолжително. Јас сите работи дома си ги вршам, но јас сум и бизнис жена со сопствен паричник и сметам дека финансиската независност е многу важна за една жена да се оствари, вели Каранфиловска.

Таа додава дека физичкиот изглед е корицата според која многумина си дозволуваат да ја судат и содржината на книгата.

Мислам дека им пречи мојот физички изглед. Јас кога ќе видам убава жена со деца ѝ се воодушевувам. Зошто да мислам дека таа е „не-мајка“? Има ли на светот таква? Нема мајка што не го сака своето дете и не се грижи и сите колку што можат прават за своите деца. Мислам дека очекуваа да изгледам по-пропаднато за да ме гледаат како подобра мајка. Но, јас сум родена како лидер и не можам да го променам изгледот кој ми е даден од Бога. И карактерот мој им пречи, особено самодовербата и тоа што сум и маж и жена во смисла на родовите улоги и извршувањето на бизнис обврските и оние околу куќата и мајчинството. Потсвесно знаат дека сум борбена жена. Тој лидерски карактер и лавовски изглед се чувствува и им пречи, смета таа.

Зависта од женското око, истакнува дека честопати се лепи врз неа.

-Жените кога ќе видат убава жена, чувствуваат завист и ме гледаат накриво. Не се чувствувам како самохран родител туку како десет мажи во еден пакет. Некогаш се срамам што сум жена кога гледам како жени навредуваат други жени. Се срамам од туѓиот срам. Тоа е најлошо. Кога гледаш како жена озборува друга жена а не знае ништо за неа. Човек што е задоволен од себеси не го прави тоа. И покрај целата трагедија што ми се случи јас се доживувам како среќна личност и посреќна сум од злобниците, вели Каранфиловска.

Филиповска: Да се биде сама со себе е избор, а не недостаток

 

Предрасудите за жените кои се слободни во однос на брачниот статус, се рефлектираат и на работното место. За тоа сведочи нашата соговорничка Елена Филиповска. Таа истакнува дека комплиментите, неочекуваните коментари од окружувањето и заинтересираноста на спротивниот пол кои не постоеле додека била во брак, се засилиле кога се развела, дури и на работното место.

-Секогаш се наоѓа некој да ми даде коментар, да ми дава совети и да го доведува под знак прашалник мојот избор да бидам сингл. Стереотипите кои ги трпам, се оние со кои се соочуваат речиси сите разведени жени, дека „откако ќе се разведат се веднаш достапни и не можат да дочекаат да бидат со нов маж“. Од жените пак добивам навидум сочувствителни коментари дека ќе најдам некој и нема цел живот да останам сама. Не знам зошто би требало да објаснувам, дека воопшто не барам никого и добра сум сама. Односно, живеам втор живот и се чувствувам како свој човек, преродена. Кога видов дека можам сама, се чувствувам целосна. Сепак, од она што го сфатив откако станав сингл, можам да речам дека бракот е штит од предатори, колку и да звучи тоа претенциозно. Едноставно кога не си во брак, додворувањата се многу почести, вели Филиповска.

Феноменот кој го споменува Филиповска, за тоа дека жените кои не се во брак или не се во врска, на глобално ниво трпат бројни предрасуди наречени жаргонски `single-shaming`. Пример за тоа се навидум добродушните коментари „ќе си најдеш некој за тебе“ и покрај тоа што овие жени не бараат партнер активно.

Single-shaming е резултат на негативните стереотипи за луѓето кои немаат партнер: дека мора да се тажни или осамени без партнер, дека активно бараат партнер но не го пронашле или дека „мора да има нешто со нив што не е во ред“. Сите овие стереотипи се инспирирани од притисокот да се конформира жената на долгоодржуваните општествени стандарди дека треба да се омажи, да роди деца и така да го состави мозаикот на тоа што значи „среќен живот“.

Но, нашите соговорнички не се пронаоѓаат во овој рецепт за среќен живот и сите три велат дека се чувствуваат и силно и целосно со својот идентитет.

Не прашувајте зошто некој се развел, вели психологот Ивановска

 

Психологот Тијана Ивановска вели дека во земјава генерално, големо влијание има патријархалното општество.

-Генерално сите се водиме според некој историски наратив за тоа како треба да изгледа нашиот живот и покрај тоа што бракот во модерно време е многу различен од брачните заедници во минатото, затоа што порано браковите се склопувале и поради опстанокот. Сега веќе опстанокот е обезбеден за сите кои се активно вработени и оттаму, поради тоа, жените имаат поголем простор за избор.

Тијана Ивановска – психолог / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

На прашањето кои се најчестите стереотипи со кои се соочуваат жените што се сами, таа вели дека тоа се конструкциите дека станува збор за „стара мома“ или „нереализирана жена поради тоа што не е омажена или нема потомство“.

-Се смета дека ако жената не креирала семејство, таа нема на што да биде горда. Тоа не е така. Жените својот идентитет го црпат и од други области во животот. Генерално жените во денешно време може да изберат од повеќе различни опции, да се завртат кон себереализација, а да станат мајки подоцна зашто биолошкиот развој тоа го дозволува, доколку така решат. Но, уште постои сожалувањето кон овие жени како да се тие „осамени“ или „лишени од нешто“, вели Ивановска за „Слободен печат“.

Запрашана како може да се промени ваквиот однос и наратив на општеството односно single-shaming, таа има неколку препораки.

-На пример, да не го поставуваме прашањето „а зошто се разведовте?“. Генерално сметам дека тоа е лично, приватно прашање, кое се однесува на изборите на индивидуата и нема никаква врска со личноста. Тоа не се прашања кои треба да ги дискутираме јавно и да дебатираме за нив, туку тоа е личен избор. Жените во денешно време својот идентитет не го црпат поразлично од мажите, но се поинаку третирани од мажите. Жените се себерализираат на повеќе полиња, работат на себе, инвестираат во својот личен развој и едукација, студираат, се дружат, патуваат, истражуваат различни нови култури. Едноставно, се чувстуваат доволно слободни да го истражуваат светот. И не е во ред тоа што постои разлика за тоа како се доживуваат сингл жените и сингл мажите. За мажите како да е поприфатливо да бидат сингл отколку за жената и се става акцент дали тие се кариерно остварени, а за жените не, додава таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот