
Креативно студио со „Само природно“: Мајчинскиот порив да го заштитам семејството од штетни хемикалии ме поттикна да создавам природни производи
Луѓето што се грижат за своето здравје и животната средина сѐ почесто се одлучуваат да користат природни производи за чистење на домот и нега на телото. Потребата од заштита од штетни хемикалии, многумина ги поттикнува повторно да се свртат кон природата и да уживаат во нејзините благодати преку производи направени од растителни и минерални состојки.
Препорачано
Ивана Дујовска Јордановска, која е мајка на четири деца, одлучува да го започне својот мал бизнис „Само природно“ за да создава најразлични природни производи за грижа на телото и домот, со што секојдневно се бори за побезбедна животна средина за своето семејство, но и за сите нејзини задоволни клиенти.
Ивана, како дојдовте до идејата да почнете да изработувате природни производи за домаќинство и нега на тело?
– За да се создаде нешто, треба да има потреба од него. Мајка сум на четири дечиња, 6, 4, 2 и 0 години. Мајчинскиот порив да се заштитам себеси и семејството од штетните и груби синтетички хемикалии, ме однесе на патот за создавање природни производи што ги користиме во секојдневието. Подолго сум свеста за штетните состојки што секојдневно ги користиме, самиот изглед, мирис и листата на состојки го кажува тоа, а и науката го потврдува. Многу од состојките се синтетички хемикалии што директно влијаат врз нашето здравје и на природата. За жал, кај нас на пазарот немаме многу избор на природни производи. Тоа ме натера да почнам да истражувам и да ги изучувам својствата на некои природни состојки, бидејќи верував дека постојат и природни решенија. На целата таа совршеност што ја гледаме во природата, механизмите, меѓусебната поврзаност, самоодржливоста, знаев дека „Мајката природа“, како добра мајка, има нешто што ќе ни служи да ги чистиме своите домови и да ја одржуваме личната хигиена, без да го загадуваме телото, а и околината во која живееме. Најпрвин изработував за нас дома и блиските, но нивната ефикасност повикуваше да бидат споделени со сите оние што сакаат да користат природни производи.

Во вашиот асортиман има најразлични и уникатни природни производи. Од каде црпите инспирација и дали користите традиционални рецепти за нивна изработка?
– Инспирацијата доаѓа од секојдневните потреби. Сите производи што ги нудиме се користат секојдневно. Природен део-спреј за заштита од непријатни мириси. Природна паста за чисти заби и свеж здив. Течен сапун што нежно ја чисти и ја смирува нашата кожа без да ја остави сува и затегната. Прашокот за перење алишта освен што ја чисти облеката, ја прави мека без додавање омекнувач и е наменет за секаков вид облека и ткаенина, без да ја избледи бојата на обоената облека. Прашок за машинско перење садови, за садови што блескаат, без остатоци од хемикалии на нив. Средства за чистење бања и стакло што немаат штетни киселински испарувања што ги вдишуваме за време на чистењето. Серуми за нега на лице и коса од природни ладно цедени масла и етерични масла, што длабински хидрираат и обновуваат. Спреј за заштита од комарци и смирувачко масло за убод од инсекти за мирни летни денови. Висококвалитетно темно какао во прав, со голем процент на масленост и незаборавен чоколаден вкус, единствено достапно кај нас. Со него го изработуваме и топлото чоколадо, прав што создава богата и кремаста чоколада што ги топли срцето и душата. За првпат кај нас во Македонија, ја нудиме и епсом солта, која има многу примени, а најмногу се користи за снабдување на нашето тело со магнезиум, значаен и неопходен минерал, и за детоксикација.

Како изгледа процесот на изработка и колку време Ви е потребно да подготвите, на пример, природен прашок за перење алишта?
– Околу процесот на изработка не е потребно премногу време, пронаоѓањето и набавката на состојки и амбалажи е потешкиот дел. Некои од состојките не се достапни кај нас, ги набавуваме од странство. Конкретно прашокот за перење алишта се состои од натриум карбонат (сода за перење), моќен чистач, ја зголемува pH-вредноста, што помага за разградување на маснотиите и нечистотиите, натриум бикарбонат (сода бикарбона), омекнувач на вода, неутрализира мириси, нежно чисти, епсом солта ја омекнува облеката и нејодирана морска сол дезинфицира. Ги мешаме состојките во потребниот сооднос и добиваме потполно природен детергент од целосно биоразградлива формула од природни минерални соли со висока моќ на чистење, отстранување дамки и мириси. Идеален е за бебиња, деца, бремени и оние со осетлива кожа, за тие што се склони на алергии, атопичен дерматитис и егзема бидејќи не содржи груби и синтетички хемикалии.
Тоа што не содржи никаков мирис, не го нарушува природниот мирис на мајката и на бебето. Кожата и респираторниот систем можат да ги апсорбираат хемиските остатоци од конвенционалните детергенти. Носиме облека поголемиот дел од нашето време, а кожата апсорбира над 60 проценти од работите со кои доаѓа во контакт. Тоа значи дека хемиски испраната облека што седи на нашата кожа цел ден, апсорбира хемикалии што го нарушуваат нашиот хормонски баланс, ја иритираат кожата и се штетни за целокупното наше здравје.

Кажете ни од кои состојки ги изработувате Вашите природни производи? Дали содржат некои алергени и колку се безбедни за децата?
– Посветени сме на употребата на состојки што се чисти и безбедни за сите нас, од обновливи извори, кои не се тестирани на животни и немаат животинско потекло. Веруваме во моќта на природата и создаваме производи што не само што ќе го зачуваат нашето здравје, туку и ќе ја зачуваат деликатната рамнотежа на екосистемот. Користиме природни минерали и соли, етерични масла, ладно цедени масла и прочистена вода. Сите безбедни и за најмалите.

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас и каков е интересот на луѓето токму за Вашите природни производи?
– Ние сме позитивно изненадени од интересот за користење природни производи. Секојдневно расте инстаграм-профилот „само природно.мк“. Тоа значи дека бројот на будните и свесни луѓе кај нас е сѐ поголем. Секојдневно добиваме нарачки, пофалби и пораки од задоволни потрошувачи. Тоа ни е мотив плус да продолжиме со нашата мисија. Работиме со љубов, внимание и почит. Со тоа што ни се повратни стаклените амбалажи, за кои се добива попуст, го намалуваме отпадот на кој му се потребни години до распаднување.
Време е човештвото да почне да се однесува позрело и поодговорно и да прави поздрав избор, за себе, за своето семејство и да има повеќе почит кон мајката наша планета Земја, бидејќи ништо не исчезнува магично, секоја штетна хемикалија што се користи во нашите домови ни се враќа како бумеранг, оди во одводните води, во почвата, воздухот, во нашата храна. Да бидеме добар пример на нашите деца, тие учат од пример, не од збор. Заедно да создадеме поздрава и безбедна природна средина за растење и живеење.

Кој е Вашиот совет до младите креативци што имаат талент и идеја, но немаат доволно храброст да започнат сопствен бизнис?
– Кога почнав со изработка на природни производи, не мислев дека тоа ќе прерасне во мал семеен бизнис. Ја имам поддршката и помошта од мојот сопруг, дел од работата ја врши тој. За да бидат подостапни производите, имаме наша достава во Скопје, а праќаме и секаде во државата по брзите пошти. Штом можеме ние двајца, со четири мали дечиња што растат со нас 24/7, можат и други. Секој од нас мислам дека има порив за создавање, љубовта е неопходна во работата за да биде уживање, а заработката си доаѓа. Со повеќе домашни мали бизниси можеме да ја подигнеме економијата, со тоа што нема да ги даваме парите кај други, странски големи фирми, на кои не им е важно нашето здравје и благосостојба, туку само заработка.
Ивана ќе им подари природни производи од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете природни производи, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење.
Со среќа!