Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Пет хепинес“: Првите торти ги направивме за бездомните кученца во нашето маало

„Многу ни е битно што јаде најмногу миленичето, дали има некаква алергија, дали некоја храна му создава мака или, пак, дали јаде само сува храна“, вели Дејана.

Милениците, познати и како најдобри пријатели на човекот, нудат многу повеќе од само забава и игри, нивната поврзаност со луѓето е подлабока и позначајна.

Тие го исполнуваат секој миг од секојдневието на човекот и имаат сѐ поголемо значење во неговиот живот. Поради тоа многумина одлучуваат родендените на своите крзнени пријатели да ги одбележат онака како што би направиле за себе.

Дејана Иваноска со својата креативност и умешност создава најразлични вкусни торти за миленици со кои нивните родендени се уште поубави. Нејзиниот мал бизнис „Пет хепинес“ постои од 2020 година и постојано носи радост во домовите на сопствениците на миленици.

Дејана, што Ве инспирираше да почнете да се занимавате со изработување торти и колачи за миленици?

– Јас сум родена во Србија и таму живеев до мојата 21 година. Додека растев, дома имавме одгледувачница на најразлични животни со кои отсекогаш сум била опкружена. Од малечка имав шанса да присуствувам на различни изложби, собири и натпревари. Во Србија и во другите наши соседни држави е веќе развиен овој бизнис и со тоа дојдовме на идеја да го донесеме кај нас.

Фото: Приватна архива

Како почна приказната за Вашиот мал бизнис „Пет хепинес“?

– Првите торти ги направивме за нашите бездомни кученца кои се движат во нашето маало и кученца на наши пријатели. Нивните имиња се Куки, Аксел, Лара и Клапчо. Сета радост и уживање на кученцата ја документиравме и сликите ги објавивме на Инстаграм и на Фејсбук. Поминаа неколку денови и веднаш се јави заинтересираност и добивме неколку нарачки. Во тој момент имав голема трема, затоа што се впуштав во нешто ново, но со поддршка од најблиските, сите нарачки ги направивме со висок квалитет за нашите клиенти да бидат задоволни.

Фото: Приватна архива

Во вашиот асортиман имате различни дизајни на десерти. Колку работата Ви дозволува да ја искажете Вашата креативност? И дали прифаќате сугестии од сопствениците на миленичињата?

– Сакам да напоменам дека ние сме пекарница за миленици, која нуди целосно персонализирани закуски. Секоја торта е направена со цел да се исполни роденденската замисла на нашите клиенти. Ние ја добиваме идејата од нашите клиенти и заедно со нашето искуство во оваа индустрија доаѓаме до еден заеднички краен производ. Со помош на деталната комуникација што ја имаме со нашите купувачи, јас можам да си дозволам да ја искористам сета моја креативност и притоа да останам креативна и иновативна.

Фото: Приватна архива

Раскажете ни како изгледа процесот на создавање една торта за куче? И кои состојки ги користите?

– Процесот започнува со неколку прашања до муштеријата. Ние пред да изработиме било каква закуска, мораме да знаеме некои работи за миленичето. Многу ни е битно што јаде најмногу миленичето, дали има некаква алергија, дали некоја храна му создава мака или, пак, дали јаде само сува храна. Ние сме потполно транспарентни со купувачите во врска со состојките за да не дојде до непосакувани настани. Имаме четири вкуса на торти: месни, овошни, зеленчукови и направени од храната што ја јаде миленичето. Сите состојки ги купуваме непосредно пред изработка на тортата, со цел состојките да бидат свежи, а закуските здрави и вкусни. Купуваме висококвалитетни состојки, богати со макронутриенти и витамини. Наш најдобар доказ за квалитетот на тортите и на состојките се нашите повеќе од 1.000 задоволни миленици, кои во само неколку минути ги јадат целите наши тортички.

Фото: Приватна архива

Дали имате некоја нарачка со која особено се гордеете? И кој дизајн на торта Ви одземал најмногу време при создавањето?

– Торти со кои најмногу се гордееме, но се најтешки за изработка и одземаат најмногу време, се нашите премиум торти. Целта на овие торти е да го доловиме најмногу што можеме изгледот на миленичето за кое имаме нарачка.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, дали е исплатливо да се живее од креативна работа? И кој е Вашиот совет до младите креативци, кои имаат талент, но немаат доволно храброст да започнат свој бизнис?

– Да, може да биде исплатливо, но е потребно многу посветеност, планирање и упорност. Мојот совет за младите креативци е да не се плашат да започнат. Храброста и визијата се клучни за успехот. Започнете малку, постепено градете го вашиот бренд и никогаш не губете ја вербата во себе.

Фото: Приватна архива

Дејана ќе им подари торта и колачи и мафини и колачи на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот