
Креативно студио со „Камелун“: Со работилниците создавам простор каде што луѓето може да се изразат без страв од грешка
„Работиме во релаксирана атмосфера, со музика и многу разговори, а секој учесник си заминува со дело создадено според негово чувство и енергија“, вели Мартина.
Секојдневието на современиот човек кое е исполнето со безброј рутински обврски, ја наметнува потребата за доживување попродуктивни и покреативни моменти.
Препорачано
Токму поради оваа потреба, младата креативка Мартина Рмуш, која со години твори уметнички дела, одлучила да го отвори своето креативно студио „Камелун“.
Таа почнала да одржува креативни работилници каде што сѐ повеќе луѓе се социјализираат, се чувствуваат спокојно и слободно да ја изразат својата креативна страна.
Мартина, кога кај Вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?
– Љубовта кон уметноста ја носам во себе уште од најрана возраст. Секогаш ме привлекувале боите, формите и слободата што ја носи креативниот израз. Како дете често цртав по ѕидови, весници и сè што ќе ми дојдеше при рака – тоа беше мој начин да комуницирам со светот. Во училиште омилени ми беа домашните по ликовно, знаев со часови да се внесам во нив и често завршуваа на училишните паноа. Со текот на времето, тоа хоби се разви во сериозна страст, која денес ја негувам низ различни медиуми како акрил на платно, мермерни мастила, колаж и мозаик, а во последно време сакам многу да експериментирам и со епоксидна смола.

Како дојдовте до идејата да организирате креативни работилници? И каде ја црпите инспирацијата за овие настани?
– Идејата за креативни работилници дојде природно – како продолжение на мојата потреба да споделам, да поврзувам и да инспирирам.
Откако неколку години изложував и работев самостојно, почнав да чувствувам силна желба да создадам простор каде што луѓето ќе можат да се изразат креативно, без страв од „грешка“ или „правило“. Така се роди концептот на работилниците – како безбеден простор за експериментирање, дружење и емоционално ослободување преку уметност.
Главната инспирација ми е дружењето. Верувам дека на сите ни е преку глава од непродуктивно седење по кафулиња со истите луѓе и исти разговори. Сакав да понудам нова, покреативна форма на социјализација – концепт каде што дружењето добива смисла, а учесниците си заминуваат дома со насмевка и уникатно дело што самите го создале.

Раскажете ни како се одвива една креативна работилница? За кого се наменети овие настани и со кои материјали работат учесниците?
– Секоја креативна работилница ја започнуваме опуштено – со краток вовед, запознавање и инспирација поврзана со темата на денот. Потоа следува демонстрација на техниката, но без стриктни упатства – идејата е секој да си дозволи креативна слобода и да создаде нешто автентично. Работиме во релаксирана атмосфера, со музика и многу разговори, а секој учесник си заминува со дело создадено според негово чувство и енергија. Настаните се наменети за сите – без разлика дали некогаш цртале/креирале досега.
Материјалите што се користат зависат од типот на работилница што ја избираат учесниците – имаме мозаик со плочки, колаж, цртање на платно со флуоресцентни бои, изработка на приврзоци и мали слики со епоксидна смола, и други креативни техники.

Каков е интересот за ваков тип креативни работилници кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?
– Интересот е навистина голем – луѓето сè повеќе бараат начини да се исклучат од секојдневниот стрес и рутина, и да направат нешто за себе. Креативните работилници се покажаа како идеален простор за тоа – за дружба, релаксација и самоизразување. Особено ми е драго што доаѓаат и луѓе што никогаш не се сметале за креативни, а си заминуваат инспирирани и горди на своето дело.
А дали може да се живее од креативна работа? Малку потешко, особено ако ги земеме предвид високите трошоци за материјали и организација. Но, кога уметноста ја работиш од срце, придобивките не се секогаш финансиски – туку се гледаат во искрените насмевки, инспирацијата што ја пренесуваш и чувството дека правиш нешто што навистина вреди.

Творите и уметнички дела, а неодамна имавте и изложба. Кои се Вашите импресии од изложбата? И според Вашето искуство, дали на младите уметници и креативци им се отстапува доволно простор на македонската културна сцена?
– Да, во мај ја одржав мојата осма изложба под наслов „Сѐ во својата пролет“ во културниот центар „Јадро“. Импресиите сѐ уште ми се свежи – долго време ја спремав оваа изложба и сум презадоволна од тоа како излезе на крај. Иако поради неочекуван настан не бев присутна поголемиот временски период од отворањето, изложбата доби голема посетеност, а делата добија многубројни комплименти и позитивни реакции од публиката.
Што се однесува до младите уметници – мислам дека сè уште не им се дава доволно простор. Има ентузијазам и талент, но често недостига поддршка – и институционална и медиумска. За среќа, постојат независни простори и иницијативи кои отвораат врати, но сè уште има многу простор за напредок.

Мартина ќе им подари рачни изработки од нејзиниот асортиман и влезници за учество во работилница на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!