Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Баба Бубе хендмејд“: Првиот плетен комплет го изработив за моето најмало внуче

„Сите изработки се изработени од најквалитетна, мека волница, која е пријатна за бебињата, како и памучен конец“, вели Љубинка.

Во денешно време истражувањата покажуваат дека плетењето е една од техниките што помагаат во управувањето со стресот, анксиозноста, депресијата, како и подобрувањето на фокусот.

Рачното плетење уште во минатото била една од најчестите активности на нашите баби, а благодарение на генерациското пренесување на знаењето за оваа вештина, плетењето сѐ уште се негува.

Таква е приказната и на Љубинка Лазовска, која љубовта кон плетењето ја наследила од својата мајка, па започнала да плете облека за најмалите. Првиот плетен бебешки комплет го изработила за нејзиниот внук, а тоа ја инспирирало да го почне и својот мал бизнис „Баба Бубе хендмејд“ (Baba Bube Handmade) што постои веќе четири години.

Љубинка, кога Ви се роди љубовта за плетењето? Како дојдовте до идејата да го започнете Вашиот мал бизнис „Баба Бубе хендмејд“?

– Љубовта кон рачните изработки ми се роди уште на мошне мали нозе благодарение и на мојата мајка, која вешто изработуваше секаков вид рачни творби: плетење, шиење, везење и хеклање. Кога се остварив како мајка, плетев за моите деца. Додека мојата ќерка беше во блажена состојба побара од мене да и сплетам бебешки комплет – пиленце за новороденче. Тоа беше првиот комплет и воедно прва рачна изработка за бебе. По раѓањето на мојот внук и објавувањето на фотографиите од комплетот, сите беа воодушевени. Така дојдовме до идеја да отвориме инстаграм-профил и да понудиме нешто ново и поразлично што во моментот не беше достапно. По отворањето на профилот, пристигнуваа безброј нарачки за различни бебешки комплети, а јас морам да признаам дека, секоја нова нарачка беше предизвик за мене со љубов да ја сработам и да се радувам заедно со родителите на секоја слика од бебенцата облечени во моите рачни изработки.

Фото: Приватна архива

Каде ја црпите инспирацијата за дизајнот на Вашите рачни изработки и дали прифаќате сугестии од клиентите?

– Конечната изработка е сплет на интересите на децата во моментот, желбата на родителот и секако моја консултација.

Фото: Приватна архива

Во Вашиот асортиман на плетени рачни изработки најчесто може да се најдат дизајни за дечиња. Раскажете ни како изгледа и колку трае процесот за да изработите еден детски плетен комплет? Кои материјали ги користите?

– Секоја рачна творба бара различно време за нејзина изработка во зависност од тоа колку е комплексна истата. Поедноставните комплети ги изработувам и за еден ден, но оние што имаат повеќе делови и детали на кои треба да обрнам повеќе внимание ги работам за два до три дена.
Сите изработки се изработени од најквалитетна, мека волница, која е пријатна за бебињата, како и памучен конец. А, за деталите користам: тантели, копчиња, крзно, тул и слично.

Фото: Приватна архива

Со која рачна изработка особено се гордеете? И кој дизајн Ви одземал најмногу време при изработката?

– Сите мои изработки се дел од мојата душа, изработени со посебно внимание, љубов и посветеност. А, секое бебе облечено во нив носи посебна магија и уникатност. Навистина не би можела да одвојам една, бидејќи сите ми се драги.

Најмногу време ми одземал комплетот за Дедо Мраз, кој се состои од повеќе делови: панталони, палто за Дедо Мраз, капа и чизми. Не поради комплексноста на моделот, туку поради обемот на работата.

Фото: Приватна архива

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и практикувате во иднина?

– Единствена техника во која не сум се испробала е макраме и тоа стои на мојот список за понатамошно усовршување.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?

– Морам да нагласам дека постојат поединци што се навистина вљубеници во рачните изработки и знаат да ги ценат. Но, сметам дека ракотворбите не се доволно ценети за да бидат основен приход за живеење.

Фото: Приватна архива

Љубинка ќе подари две рачно плетени изработки од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот