Министерот Зоран Љутков на воведната сесија на форумот што се одржа во „Паблик рум“

Креативните индустрии се исклучително продуктивна и профитабилна област

Во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот совет и УМПАКИ на 25 ноември во „Паблик рум“ (Јавна соба) се одржа воведната сесија на „Форум Скопје – Секторски консултации“.

Креативниот потенцијал што го поседува Северна Македонија, доколку е добро организиран, може да биде еден од водечките двигатели на економијата, а потребно е да се оформи добра стратегија со помош на интерактивно делување меѓу креативците и државата, беа клучните воведни зборови со кои беше отворен „Форум Скопје – Секторски консултации“ во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ.

Форумот го отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој потенцираше дека креативните индустрии, во последните години во глобални рамки, се покажаа како исклучително продуктивна и профитабилна област што нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот на креативците и нивно соодветно валоризирање на пазарот.

– Министерството за култура и туризам, во рамките на преземените активности, е во фаза на формирање Совет за креативни индустрии составен од стручни лица, кои ќе изработат Национална стратегија за развој на креативните индустрии со Акциски план, а се преземаат подготвителни активности и за изработка на ново мапирање на креативните индустрии, по што ќе го објавиме и Конкурсот за финансирање проекти од оваа област. Од тие причини верувам дека токму форумот ќе биде одлична можност за размена на мислења, знаења и искуства за реализација на различни проекти што ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во земјава. Сето тоа ќе отвори нови можности за културна размена и соработка, ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена, ќе им овозможи на уметниците и дејците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти – рече Љутков.

Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер, рече дека искуството на Велика Британија покажува дека креативната индустрија од маргинализирана, сега е еден од петте водечки двигатели на економијата.

– Веќе неколку денови во Скопје разговараме за оваа важна тема за секоја држава и се радувам на соработката со Министерството за култура и туризам, бидејќи има сензибилитет за развој на креативните индустрии. Колку за пример, Велика Британија во 2022 година во севкупната економија инкасираше 124 милијарди фунти, со што стана една од петте водечки индустрии, и натаму бележи раст. Креативните индустрии бележат двојно побрз раст на економијата од сите останати индустрии. Тие се и моќна алатка за развој на наративите и идентитетите на едно општество, а се атрактивни и за туризмот. Се надевам дека ќе продолжиме со соработката и во иднина вашата држава ќе покаже добар резултат, со оглед на тоа што има голем креативен потенцијал – рече Филер.

Кирил Ѓозев од УМПАКИ истакна дека заедничката визија за развој на креативните индустрии се доближува кон својата цел и се надева дека креативците ќе изградат мостови со нови партнери.

Во присуство на претставници на креативните индустрии, медиумите и останати заинтересирани посетители на форумот, Енди Брајдон, кој e основач на меѓународната уметничка организација „Curated Place“, одржа извонредна презентација, по што следуваа дискусии за издвојување на 10 приоритети за овој сектор во Македонија.

Креативните професионалци дискутираа со своите колеги на повеќе теми: Градење нов идентитет преку големи културни настани; Зајакнување на комуникацијата во секторот (градење мрежа); Образование за креативни кариери; Подобрување на условите за креативна продукција.

Покрај Брајдон во Скопје гостуваше и Сузан Финеган, комерцијален директор на секторот култура во Ливерпул, која има над 20-годишно искуство во менаџмент на настани, стратегија на дестинација и бренд активација. Покрај овие искусни професионалци во рамки на „Форум за креативни индустрии“, свои искуства пренесоа и Хејли Пеплер и Лејла Конвеј.

Форумот беше продолжување на континуитетот на конференцијата за развој на креативниот туризам, која се одржа за време на „Недела на дизајн во Скопје“ (Skopje Design Week 2024) и беше прва јавна дискусија по спојувањето на Министерството за култура со секторот туризам.

Панел-сесија во едукативниот културен центар „Лабораториум“

УМПАКИ – 4. Форум на креативни индустрии

Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ на 26 ноември во едукативниот културен центар „Лабораториум“ го организираше четвртиот Меѓународен форум за креативни индустрии со тематски наслов „Иновативноста и креативноста како капитал во креативната економија“.

Форумот имаше за цел да ја истакне улогата на културата и креативноста како поттикнувачи на креативната економија, како и да ги анализира можностите што ги нудат иновациите и дигиталната трансформација.

На настанот учествуваа повеќе од 30 гости, различни засегнати страни, вклучувајќи претприемачи, иноватори, лидери во креативните индустрии, професори, граѓански организации, како и претставници од владини институции и меѓународни партнери.

На форумот се одржаа четири панели и неколку презентации на тековни проекти, а беа презентирани и неколку инспиративни поединечни проекти, меѓу кои стрип заедницата „Парагонс“, проектот заснован на ВИ „Рекреирање на иконите“, приказната за македонската видео игра „Необичната приказна за Брајан Фишер“, како и Дигиталниот финансиски хаб при ИНОФЕИТ.

Се одржаа и презентации на иновативни модели во креативните индустрии (хабови, културни центри, пренаменети простори во интерес на културата и креативните индустрии). Ана Илиќ го претстави проектот „Ложионица“ од Белград, Беноа Гарет го претстави „Базар.Кооп“ од Лил, Франција, Бранимир Жугиќ од Котор, Црна Гора, ја претстави реконструкцијата на стариот затвор, а Стефан Момиќ зборуваше за пренамената на старата печатница на „Нова Македонија“ во иновативниот простор „Лабораториум“ во Скопје, каде што се одржа форумот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 258, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.11.-01.12.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот