
Кралот Чарлс ја менува традицијата: Еве од каде ќе ја испрати божиќната порака
Кралот Чарлс Трети ќе ја пренесе својата традиционална божиќна порака од поранешната болничка капела, објави Бакингемската палата. Ова претставува отстапување од традицијата за британскиот монарх, кој моментално е на лекување од рак, пренесуваат странските медиуми.
Препорачано
Палатата објави во февруари дека на 76-годишникот, кој стана крал во 2022 година, му бил дијагностициран неодреден рак откриен по корективна операција за зголемена простата. Извор од палатата минатата недела изјави дека неговото лекување оди во позитивна насока и дека ќе продолжи и следната година.
За неговата годишна однапред снимена божиќна порака што ќе се емитува во среда, Чарлс ја избра капелата Фицровија, украсена поранешна црква на местото на поранешна болница во центарот на Лондон.
„Сега тоа е простор за тивко размислување, откривање и славење, здружувајќи различни заедници од сите вери или ниедна“, напишаа од палатата на социјалната платформа Икс, додавајќи дека прадедото на кралот го поставил камен-темелникот на зградата во 1928 година.
Содржината на пораката останува непозната сè додека не се емитува, но кралски извор рече дека таа ќе се однесува на меѓународните, националните и личните предизвици и како заедниците кои меѓусебно се поддржуваат можат да ги надминат.
Инаку, годишните пораки потекнуваат од радио говорите на неговиот прадедо Џорџ Петти во 1932 година, а најчесто се снимаат во една од кралските резиденции. Чарлс минатата година испрати порака од Бакингемската палата.
Весникот „Дејли телеграф“, кој претходно дознал за локацијата на пораката, објавил дека Чарлс самиот ја избрал капелата поради неговите здравствени проблеми. Изворот изјавил за весникот дека монархот сакал неговата порака да изгледа посвежа и помодерна.