
Крадат ваши податоци и подигаат брзи кредити во ваше име!?
Полицијата трага по организирана измамничка група која со недели измамува граѓани од источна Македонија и во нивно име подигнува брзи кредити. Сумата за која се оштетени лековерните граѓани надминува неколку илјади евра. Од МВР не споделуваат многу детали за бандата.
Препорачано
Тврдат дека одредени детали се важни да не се соопштат во интерес на истратата. Засега се знае дека изминатиот месец, секторот за внатрешни работи-Штип, регистрирал неколку измами на граѓани по пат на социјалните мрежи. Измамите најчесто се случувале преку социјалните мрежи Фејсбук и Месинџер, каде на граѓаните им биле злоупотребени личните податоци од лични карти, трансакциски сметки, електронски здравствени легитимации…
– Наведените податоци сторителите ги злоупотребувале за стекнување и добивање брзи кредити од финансиски друштва во Република Северна Македонија, преку електронско аплицирање во име на оштетените граѓани, притоа, доведувајќи ги жртвите во заблуда дека паричните средства кои по одобрувањето на кредитите легнувале на трансакциски сметки на оштетените, се наводно помош од роднини на сторителите за лекување на болно дете – велат од МВР.
Во случаите, паричните средства оштетените сами ги ваделе од нивните сметки, уверени дека се туѓи уплати наменети за лекување, и преку посредници им ги давале на сторителите, не знаејќи дека истите потекнуваат од претходно одобрени брзи кредити на нивно име.
Полицијата апелира до граѓаните да не наседнуваат и да не подлегнуваат на вакви и слични измами, кои што се вршат преку социјалните мрежи и особено да внимаваат на кого ги споделуваат податоците од личните документи. Сите сомнителни случаи од ваков вид граѓаните да ги пријават во полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.