
Козара трипати се асфалтираше и пак се „исече“ за приклучоци на новите згради
Шест месеци се реконструира улицата Елисие Поповски и уште е „при крај“, а Козара која едвај доби нов асфалт пред две години, почна да се прекопува за да се поврзат новите згради со парно.
При крајот на минатото лето почна реконструкцијата на улицата Елисие Поповски во Капиштец, која граѓаните ја очекуваа подолго време затоа што беше во многу лоша состојба. Сега, на средина од зимата, жителите веќе се нервозни што работите сѐ уште не се докрај завршени. Како што велат, останаа уште тротоарите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Асфалтираа уште пред Нова година, ама тротоарите ги оставија, па пеш може да се оди само по улица, затоа што од едната страна на голем дел нема тротоари и се паркираат коли. Донесоа и материјали, бекатон плочки се наредени во должина на улицата, само уште да се решат да ги наместат. Не ми е јасно зошто толку бавно одат работите. Цел месец не видовме работници, па вчера повторно се појавија и почнаа нешто да редат. Можеби се ближи крајот конечно – реагира Александар, жител на населбата.

Од Општина Центар тврдат дека реконструкцијата е при крај.
Реконструкцијата на улицата треба да заврши за една недела. Причина за пролонгирањето е проблемот со паркираните возила, кои го попречуваат и го отежнуваат финиширањето на градежните активности – објаснуваат од Општината.
Потегот што се реконструира е долг 700 метри и се протега од Клиничкиот центар до Заводот за рехабилитација. На оваа улица во минатото имаше изградба на повеќе објекти, па асфалтот беше многу оштетен и улицата полна со прекопи и дупки.
Една улица под Елисие Поповски е „популарната“ Козара, позната по градежната офанзива што се случуваше на неа во изминатите десетина година, во која од некогашните двокатни куќи израснаа згради на 7-8 ката. Поради постојаната изградба и градежна механизација што поминуваше по неа, улицата беше во ужасна состојба.

Поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ на барање на граѓаните реши да ја реконструира, а обновата пак се спроведе пред две години во мандатот на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.
И кога беше најавена реконструкцијата и денес, остана нејасно зошто воопшто се планираше и се спроведе обнова во услови кога истовремено беа во изградба, а неколку згради сѐ уште се градат. Јасно беше дека по нивното завршување, на новиот асфалт ќе се прават прекопи за зградите да се поврзат со системите за вода, струја, парно.
Во врска со реконструкцијата и приклучоците за инсталациите, на улицата ќе бидат оставени отвори (т.н. изводи), на кои подоцна би се приклучиле водоводните, топлински, електрични и кабелски мрежи. Со изводите, нема да има потреба од повторно прекопување на улицата – тврдеа од Центар пред четири години најавувајќи ја реконструкцијата.
Според она што деновиве може да се види на Козара, очигледно не се спровела оваа идеја, затоа што новиот асфалт поставен пред две години е исечен и на улицата има огромна дупка за зградите да се поврзат со топлификацискиот систем. Прекопот што сега е направен, ќе се затрупа и делот ќе се асфалтира, но до некое идно реконструирање на улицата ќе остане како „белег“. Веројатно еден од низата други кои ќе следуваат за идните поврзувања на новите згради.
Инаку, оваа улица беше конечно завршена после две неуспешни претходни асфалтирања. Работите ги вршеше фирмата „Гама градба“, која при првото асфалтирање ги затрупа сливниците и шахтите, па ги откопуваше откако жителите жестоко реагираа, потоа постави асфалт под нивото на шахтите, а по второто асфалтирање по првиот обилен дожд се појавија оштетувања на улицата. Третиот пат беше конечно успешен. За целото тоа време граѓаните се жалеа и реагираа, трпејќи ја со месеци бучавата и смрдеата на улицата.
И сега среде улицата има нова дупка, која го отежнува сообраќајот и им пречи на жителите од една од зградите да влезат во гаража.