дете-училиште
Фото: Драган Митревски / Слободен печат

Ковид-протоколите принудно се нарушуваат: Студот ги отвори вратите наместо прозорците во училиштата

Со падот на температурите, прозорците се почесто затворени или подотворени вертикално што е недоволно за проветрување како што налагаат епидемиолозите, па наставниците се снаоѓаат со алтернативни решенија.

Иако ковид-протоколите за реализација на наставата во основните и средните училишта со физичко присуство предвидуваат проветрување на училниците по секој одржан час, со падот на температурите на воздухот прозорците се почесто затворени или подотворени вертикално. Експерти укажуваат дека држењето на прозорците на т.н. „кипање“ има занемарлива улога во проветрувањето на просторијата во споредба со посилен провев. Во такви услови, наставниците бараат алтернативни решенија за да циркулира воздухот што е епидемиолошки неопходно во услови на пандемија од коронавирусот.

– Или врата или прозорец се задолжително отворени. Мора да биде отворено, но ги држиме децата подалеку од отворен прозорец. Ако е многу студено, се отвора вратата – ни кажаа од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“.

Во Протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците за оваа учебна година, наведено е дека просториите задолжително треба да се проветруваат по секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнувањето и по заминувањето на учениците, а за време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, да се остава отворен прозорец. Во училницата, доколку ги има, да се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација.

Маја Старова, директорка на основното училиште „Јан Амос Коменски“, вели дека се почитува протоколот.

– Наутро се отвораат прозорите, се дезинфицира и се проветрува, а истото се прави и за време на големиот 20-минутен одмор. Додека е студено, прозорците не се постојано отворени, туку на „кипање“. Истото важи и за салата каде што се држи настава по физичко воспитување – вели Старова.

Разговараме со родителите во обид да се изнајдат решенија прифатливи за сите, вели директорката на основното училиште „11 Октомври“ од Скопје, Даница Блажевска.

– Протоколот вели прозорецот да се отвора доколку дозволуваат временските услови. Се отвораат на секој одмор или за време на часот, ако е потопло. Прозорите се отворени и кога учениците јадат и кога се на час по физичко. Кога залади во октомври, имаше реакции од родителите, но се усогласивме прозорците да се отвораат за време на одмори и доколку учениците побараат. Се трудиме да изнајдеме најдобро решение за доброто по здравјето на децата – вели Блажевска.

Во последниве години, во многу училишта старите се заменети со нови енергетско ефикасни ПВЦ-прозорци заради заштеда на топлинска енергија. Со нивното често проветрување се троши енергијата поради губење на топлината во училниците, што е неповолно и од енергетски аспект во време на криза. Експерти велат дека ќе беше попаметно тие пари да се инвестираа во усовршување на онлајн наставата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!